Здравство

Стручна комисија ќе истражува на Кардиохирургија

16.04.2025 16:29

Државниот санитарен и здравствен инспекторат нема констатирано недостатоци во случајот со пациентот кој почина на Кардиохирургија. Министерот Таравари вели дека лекарите одлучиле да не се оперира. Стручна комисија ќе го истражува случајот. СДСМ бара оставка од министерот за здравство...

Министерот Таравари вели ништо не кријат, повика да се почека извештајот за смртта на пациентот кој бил примен, лекуван, но не и опериран на Клиниката за кардиохиргија каде што почина.

Одговорност ќе се бара и од приватната клиника од каде пациентот бил вратен, со образложение дека кај нив не може да се оперира на товар на Фондот, туку само приватно.

СДСМ бара оставки од министерот за здравство и директорот на Клиниката.

Во извршениот надзор од Државниот санитарен и здравствен инспекторат, е нотирано дека ангиографската сала на Кардиохирургија не работела, а немало ниту стентови за да се изврши интервенција. Лекарите не можеле да ја извршат операцијата ниту на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија, бидејќи и таму имало недостиг од стентграфтови.

 

Наташа Јанчиќ- Менковски