Таравари соло, „Вреди“ со заеднички листи
Откако Таравари пресече, Алијанса на локалните избори да оди со посебни советнички листи, лидерите на „Вреди“ одржаа состанок. Договорија заеднички настап и побараа членството да се дистанцира од Таравари, кој според нив води политики на поделби...

Меџити, Касами и Ибрахими му се налутија на Таравари. Одлуката на лидерот на Алијанса за Албанците да настапи со свои советнички листи на изборите ги седна на маса партнерите од „Вреди“ за да се договорат што понатаму. Иако Алијанса била фаворизирана, како што велат од „Вреди“ – не се задоволила со 35 до 40 насто од понудениот изборен колач. Тоа за тројката од владејачкиот албански кампус е показател дека Таравари соработува со ДУИ и му фрла гума за спасување со Ахмети.
Триото на „Вреди“ не го исклучило Таравари од коалицијата, туку тој сам се исклучил – е ставот по состанокот. И додека Демократското движење, Алтернатива и Беса го повикуваат членството на Алијанса да ги поддржи на изборите, Таравари им порачува дека е отворен за соработка и добредојден е секој што сака да ги поддржи.
Иако Таравари најави дека продолжува да дејствува како дел од владејачката коалиција, неговите партнери од „Вреди“ засега не откриваат дали ќе бараат премиерот Мицкоски да го разреши од министерската позиција. За ова прашање ќе разговараат дополнително.
Анита Димитријевска – Велковска
