Глобалната трговија годинава ќе се намали поради царините на Трамп, прогнозира СТО
Царините на Трамп го тресат светот. Светските лидери во обид да ги намалат штетните влијанија, договараат средби со американската администрација. Поради високите тарифи, Светската трговска организација прогнозира дека глобалната трговија годинава ќе се намали. Во меѓувреме, американската сојузна држава Калифорнија најави тужба за претседателот Трамп поради новите царини за увоз на стоки од целиот свет...

Глобалната трговија годинава ќе се намали поради царините наметнати од американскиот претседател, прогнозира Светската трговска организација. Влијанието на неодамнешните промени во трговската политика драстично варира во различни региони. Организацијата очекува американскиот увоз од Кина која се соочува со највисоки тарифи, нагло да падне во секторите како што се текстил, облека и електрична опрема, создавајќи нови можности за извоз за другите добавувачи.
„И покрај 90-дневната пауза, постојаната неизвесност се заканува да дејствува како кочница за глобалниот раст, со сериозни негативни последици за светот, особено за најранливите економии“, изјави Нгози Оконџо-Ивеала, генерална директорка на СТО.
Трговијата во светот, според СТО би се намалила за 1,5 проценти доколку Трамп ги следи своите најстроги царини за повеќето држави.
„Нашите симулации покажуваат дека несигурноста на трговската политика има значително потиснувачко влијание врз трговските текови, го намалува извозот и ја слабее економската активност“, изјави Ралф Оса, главен економист на СТО.
Трамп го суспендираше најстрогиот сет на тарифи за 90 дена, така што повеќе од 70 земји имаат шанса да ги решат трговските проблеми на САД. Италијанската премиерка Мелони во Вашингтон на средба со шефот на Белата Куќа ќе се обиде да спречи воведување нови царини за Европската унија. Јапонија е меѓу првите земји што започна отворени преговори со САД. Главниот јапонски трговски преговарач ги повика САД да ги преиспитаат сите царини за Јапонија, откако претседателот Трамп директно се вклучи во првиот круг од билатералните трговски разговори.
„Како исход од состанокот, се договоривме двете страни да разговараат со отворен и конструктивен пристап со цел да се постигне договор што ќе биде објавен од двајцата лидери што е можно порано, да се договори следниот состанок овој месец, да продолжиме да разговараме на министерско и административно ниво“, изјави Риосеи Аказава, министер за економска ревитализација на Јапонија.
Во меѓувреме, американската сојузна држава Калифорнија најави тужба за претседателот Трамп поради новите царини за увоз на стоки од целиот свет. Гувернерот обвини дека тарифите создаваат економски хаос и ги загрозуваат работните места.
„Во крајна сметка, Трамп ја нема единствената моќ радикално да го наруши економскиот пејзаж на земјата. Не функционира така нашата демократија. Трамп може да ги бара овие тарифи и да испраќа пораки до нашите меѓународни партнери, но Американците се тие што го носат товарот“, изјави Гевин Њусом, гувернер на Калифорнија.
Тужбата се заснова на тврдењата дека уредбата на Трамп за воведување тарифи за Мексико, Канада и Кина или царина од 10% за целиот увоз е неоснована.
Маријана Димовска
