Истрага

Продолжува истрагата за пожарот во дискотеката „Пулс“

18.04.2025 12:37

Основното јавно обвинителство Кочани, постапувајќи во предметот во врска со пожарот во дискотеката „Пулс“, до Основниот суд во Кочани достави предлог за замена на определената мерка куќен притвор во мерки на претпазливост за двајца осомничени во својство поранешни директори на Државниот пазарен инспекторат...

Основното јавно обвинителство Кочани, постапувајќи во предметот во врска со пожарот во дискотеката „Пулс“, до Основниот суд во Кочани достави предлог за замена на определената мерка куќен притвор во мерки на претпазливост за двајца осомничени во својство поранешни директори на Државниот пазарен инспекторат, информираат од Обвинителството. Замената на мерките ја побарале врз основа на проценка на законските основи за обезбедување и фазата на проверки.

Обвинител побарал и мерки за претпазливост за уште едно лице од дискотеката од првата група осомничени, кое до сега беше на лекување. Мерките се предложени во согласност со неговата моментална здравствена состојба и потребата од натамошно лекување.

Обвинителство останува на стратегијата да бара не само директна, туку и индиректна одговорност за пожарот во Кочани.

Поранешниот министер за економија, Крешник Бектеши останува во притвор. Доскорешниот градоначалник Љупчо Папазов, од кумановскиот затвор се сели дома. По барање на Обвинителството во домашен притвор отидоа уште тројца осомничени, поранешниот прв човек на пазарниот инспекторат, Горан Трајковски, еден инспектор и член на обезбедувањето. Полицаецот кој беше недостапен за органите на прогонот сам се пријавил во обвинителството.

Во истрагата работат истите обвинители како и досега, ниту еден не се повлекол поради наводни притисоци. Опозицијата и натаму обвинува за селективна правда.

Во досегашната истрага за најголемата трагедија во Македонија опфатени се вкупно 59 осомничени лица.