ОЈО Кочани побара замена на мерката куќен притвор за двајца осомничени од ДПИ по пожарот во „Пулс“
Кочанското обвинителство достави предлог за замена на определената мерка куќен притвор во мерки на претпазливост за двајца осомничени во својство поранешни директори на Државниот пазарен инспекторат до кочанскиот суд во врска со пожарот. Обвинител побарал мерки за претпазливост и за лице од дискотеката осомничено во првата група...

Кочанското обвинителство достави предлог за замена на определената мерка куќен притвор во мерки на претпазливост за двајца осомничени во својство поранешни директори на Државниот пазарен инспекторат до кочанскиот суд во врска со пожарот. Обвинител побарал мерки за претпазливост и за лице од дискотеката осомничено во првата група.
„Замената на мерките е побарана врз основа на проценка на законските основи за обезбедување и фазата на проверки во однос на оваа институција. Освен ова, за првпат по настанот побарани се мерки за претпазливост за уште едно лице од првата група осомничени, кое до сега беше на лекување. Станува збор за лице од дискотеката, а мерките се предложени во согласност со неговата моментална здравствена состојба и потребата од натамошно лекување“, велат од Обвинителството.
Обвинителство останува на стратегијата да бара не само директна, туку и индиректна одговорност за пожарот во Кочани.
Поранешниот министер за економија, Крешник Бектеши останува во притвор. Доскорешниот градоначалник Љупчо Папазов, од кумановскиот затвор се сели дома. По барање на Обвинителството во домашен притвор отидоа уште тројца осомничени, поранешниот прв човек на Пазарниот инспекторат, Горан Трајковски, еден инспектор и член на обезбедувањето.
Полицаецот кој беше недостапен за органите на прогонот, сам се пријавил во Обвинителството.
Во истрагата работат истите обвинители како и досега, ниту еден не се повлекол поради наводни притисоци. Опозицијата и натаму обвинува за селективна правда.
Во досегашната истрага за најголемата трагедија во Македонија, опфатени се вкупно 59 осомничени лица.
Игор Панов
