Македонија да продолжи со реформскиот процес, сметаат аналитичарите
И покрај сите отстапки државава не е заштитена, реакции по пораката на Брисел, уставните измени не се гаранција дека нема да има нови барања за Македонија. Од ВМРО-ДПМНЕ велат нивните предупредувања се исполниле, од СДСМ обвинуваат власта не ги исполнува ветувањата …

За уставните измени нема да има сериозна политичка дебата до крајот на годинава-оценува аналитичарот Илиев. Според него внатрешната политичка состојба не оди во прилог на отворање на вакво сензитивно прашање. Дополнително власта фокусот го насочува кон претстојните локални избори. Од друга страна доколку Албанија интензивно напредува во евроинтегративниот процес, тоа ќе се одрази како своевиден притисок врз македонската влада. Според Илиев власта треба да продолжи со реформскиот процес и борбата против криминалот.
„Во однос на она што може Македонија да направи за да го забрза својот пат, зависи колку сме подготвени ние сами да направиме. Тоа што се бара од нас во преговарачката рамка, како борба против корупцијата, владеење на правото, нашата економија да се интегрира во европската. Доколку Албанија напредува ќе имаме дополнителен притисок да ги направиме тие уставни промени, но внатрешно политичките услови не овозможуваат една дебата по ова прашање без да не се доведе во корелација исходот во претстојните избори“, изјави Александар Илиев, аналитичар.
Во меѓувреме власта и опозицијата со меѓусебно обвинувања. СДСМ тврдеа дека уставните измени се последно барање на Бугарија, сега од таму ги демантираат-велат од владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата со став дека поранешниот државен врв, свесно не ја кажувал вистината.
„Тоа што сите го знаеја и на кое предупредувавме, сега го кажаа и од самата Бугарија. Министерот за надворешни работи на Бугарија, јасно кажа дека уставните измени нема да бидат последно барање. Да не беше ВМРО-ДПМНЕ и промислената и државничка политика, СДС ќе ја заглавеше државата“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Социјалдемократите со став Македонија барањата на Бугарија можат да бидат во рамки на европскиот процес и во рамки на точно утврдените кластери и барања кои секоја држава ги исполнува. Бараат одговор од владата зошто, сè уште не преземале никаква акција во насока на исполнување на ветувањата.
„Тоа што ВМРО-ДПМНЕ и Владата не прават ништо тоа е нивен проблем. Наместо да се правдаат, нека кажат зошто ништо не прават затоа што имаа големи ветувања. Зошто го нема одложеното дејство за употреба на името, каде се гаранциите кои ги ветува, гледаме дека сè уште нема ништо“, велат од СДСМ.
Дека Македонија била тема на средбите на кос во Софија, потврда стигна од бугарската потпретседателка, Илијана Јотова, која пред средбата со кос изјави дека на еврокомесарката ќе и го соопшти ставот на Бугарија за Македонија и оти дебатата по ова прашање се искривува.
Марина Стојанова-Тонева
