Различните убедувања испреплетени во Колешино
Едни вапсаат јајца, други не. Христовото воскресение едни го пречекуваат во црква во сабота вечер, други во недела наутро, трети пак воопшто не го слават. Ваква е сликата за Велигден во Колешино, каде живеат жители со повеќе религиозни убедувања, сите христијани...

Различно го празнуваат Велигден, жителите од подбеласичкото село Колешино во општина Ново Село. Ова е село со најмногу вери но е пример за заеднички соживот и почитување.
Најбројни се православните верници кои Христово воскресение го честитаат по полноќната богослужба во црквата „Св. Спас“. На Велигден се собираат на свечени трпези и кршат вапсани јајца подготвени уште во четвртокот.
Иако не е задолжително, кој сака, јајца вапсуваат и методистите познати меѓу народот како протестанти. Тие Велигден го слават во недела наутро со богослужбата во црква. Ванчо Ѓеоргиев вели дека за нив празнувањето е во црквата а не толку по домовите.
За адвентистите, Велигден е обичен ден. Ниту вапсуваат јајца ниту се собираат на свечена трпеза. За нив сабота е ден кога празнуваат заради што ги викат и саботјани.
Во Колешино има и Јеховини сведоци.Нив ги има најмалку. И за нив Велигден е обичен ден. Тие ја празнуваат господовата вечера, една недела пред овој празник.
Колешино според последниот попис брои околу 630 жители што е за 25 отсто помалку од пописот во 2001.
Ване Трајков
