На Охрид му недостасуваат луксузни хотели
Потребно е стимулирање на изградбата на хотелски капацитети. Според туристичките експерти, на охридското крајбрежје недостигаат современи хотели за привлекување на повисока категорија туристи.

На Охридското крајбрежје недостигаат современи луксузни хотели. Наместо згради за колективно домување, потребно е стимулирање на изградба на туристички капацитети. За тоа се потребни измени во законот за градење, велат од хотелската асоцијација.
Викенд становите креираат масовен туризам и инфраструктурни проблеми, а луксузните хотели ќе носат гости со подлабок џеб.
„Потребно е менување на некои закони за изградба на нови хотели. Хотелите не треба да се со ист закон како станбените објекти. Луксузни модерни хотели речиси и да немаме на Охридското струшката ривиера, како би привлекле повисока категорија гости. А со тоа може би се задоволиле потребите и барањата ма тие тур-оператори“, вели Крсте Блажески претседател на ХОТАМ.
На охридско струшкото крајбрежје нема ниту еден хотел на светски познатите ланци. И туристичките работници велат потребни се инвестиции во современи хотелски ресорти.
„Има ограничен број на капацитети, ограничен број на легла на крајбрежјето, јас би апелирал државата да го ослободи Охрид од стегите на УНЕСКО и да дозволи на слободните места да се изградат хотели како би можеле да го одржуваме туризмот“, вели Олег Маленко тур-оператор од Охрид.
На брегот на Охридското Езеро има околу 40.000 викенд станови, а само околу 7.000 хотелски соби. Расположливите капацитети во екот на сезоната се исполнети и до 90 проценти.
Соња Рилковска
