Евроинтеграции

Муртезани: Реформската агенда е патоказ кој не е создаден за Брисел, туку пред сè за граѓаните што ги претставуваме

22.04.2025 20:25

Во својот говор министерот Муртезани ја потенцираше важноста на Реформската агенда која претставува многу повеќе од листа на услови за членство во ЕУ.

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска во Собранието се обрати на дебатата на тема: „Забрзување на интеграцијата: Придобивките од Реформската агенда за институционално зајакнување и усогласување со ЕУ“.

Во својот говор министерот Муртезани ја потенцираше важноста на Реформската агенда која претставува многу повеќе од листа на услови за членство во ЕУ.

„Таа е симбол на нашата заедничка амбиција за да изградиме поправедно, попродуктивно и потранспарентно општество. Улогата на Парламентот во овој процес е клучна. Тука, преку дискусии и одлуки, овие реформи добиваат вистински живот и импулс“- нагласи Муртезани.

Додаде дека реформите не се само прашање на закони, тие се прашање на лидерство. Потребна е храброст за да се прифати транспарентноста, интегритетот и отчетноста. Тие вредности мора да бидат неизоставен дел од нашата јавна администрација и државни институции. Со целосната имплементација на Законот за буџети и со реорганизација на државната администрација, веќе чекориме кон поефикасно и поодговорно управување, рече Муртезани.

На располагање ни се околу 750 милиони евра преку Инструментот за реформи и раст, средства доверени на Република Северна Македонија врз основа на нашиот потенцијал и нашата одговорност. Овие средства не се само финансиски алатки, туку се израз на довербата на Унијата во нашата волја и способност за успех, истакна министерот за европски прашања.