Македонија

Објавен конкурс за идејно решение за лого на Собранието

22.04.2025 19:51

Во Отворениот повик се наведени клучните компоненти што треба да ги вклучуваат понудите за концептуално решение за изработка на логото, заедно со критериумите кои треба да бидат исполнети.

Собраниската прес-служба денеска извести дека е објавен Отворен повик за креирање на заштитен знак (лого) на Собранието на Република Северна Македонија. Целта е законодавниот дом да го освежи и усогласи својот институционален, визуелен идентитет преку изработка на заштитен знак, кој треба да ги рефлектира националните вредности, како и вредностите, мисијата и визијата на институцијата.

Во Отворениот повик се наведени клучните компоненти што треба да ги вклучуваат понудите за концептуално решение за изработка на логото, заедно со критериумите кои треба да бидат исполнети.

Помеѓу останатото, дизајнот на логото мора да биде оригинален и досега некористен, така што творецот треба да обезбеди ексклузивност на дизајнот и да гарантира дека финалното дело нема да повреди никакви интелектуални права. Како што се додава во соопштението, секој учесник во конкурсот има право да достави најмногу три идејни решенија за лого на Собранието.

Предлозите што ќе бидат доставени до Собранието ќе бидат прегледани од специјална комисија формирана од претседателот на Собранието.

Крајниот рок за доставување на предлозите е 45 дена од денот на објавувањето на Отворениот повик. Секој учесник на конкурсот, се додава во соопштението, има право да поднесе најмногу до три идејни решенија за лого на Собранието.