Москва изврши нов напад врз украинската престолнина, има загинати и ранети
Договорот со Зеленски виси во воздух, но е блиску – американскиот претседател Трамп тврди дека може да се постигне мир во Украина. Тој е уверен оти успеал да најде заеднички јазик со Москва и посочува дека на потег е Киев, по предлогот Крим да биде признаен за руска територија. Додека Трамп го критикува Зеленски, Москва изврши нов напад врз украинската престолнина. Има загинати и ранети...

Русија во текот на ноќта истрела 215 проектили и беспилотни летала кон Украина. Киев повторно на удар. Десетмина загинати и десетици ранети, меѓу жртвите и повредените има деца, соопштија властите. Пријавени се пожари во неколку станбени згради.
„Мајка ми оваа година ќе наполнеше 85 години. Синоќа Русија повторно ја нападна нашата Украина и проектил ја погоди нашата куќа и мајка ми почина. Ја мразам Русија, го мразам нивниот претседател“.
„Какви мировни преговори може да има ако Путин не прави ништо за тоа, апсолутно ништо. Единствено нешто што тој рече е дека нема да има гранатирање на Велигден и тоа е тоа. Искрено не знам ни како ќе заврши сето ова, тоа е многу страшно“.
„Мојот сопруг е на воена служба, така што не верувам во мир“.
Експлозии и во Харков, кој е честа цел на руски напади.
„Беше многу турбулентна ноќ во Харков. Имаше напад на производствен погон во Харков. Дополнително, имаше удари во близина на станбени згради. Нашите комунални услуги работат, ги проверија сите комуникации. Работиме да го елиминираме сето она што непријателот го направи“, изјави Ихор Терехов, градоначалник на Харков.
Шефот на Белата куќа верува дека има договор со Путин за ставање крај на војната во Украина, но призна дека соработката со Зеленски е потешка од очекуваното.
„Тоа е жестока војна. И ако можам да помогнам да се реши, знаете, ние не губиме од нашите војници, туку губиме војници, многу луѓе. И ако можам да го решам тоа, би било одлично. Мислам дека имаме договор со Русија. Мораме да постигнеме договор и со Зеленски. Мислев дека е полесно да се справам со Зеленски, но досега беше потешко“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
По новите напади, украинскиот претседател Зеленски откажа дел од програмата за посетата на Јужна Африка и обвини дека и 44 дена откако Украина се согласи на целосен прекин на огнот Русија продолжува да го убива украинскиот народ. Очигледно Зеленски нема способност да склучи мировен договор за да го заврши конфликтот, велат од руското МНР.
„Со секој ден, со секој час, во секоја секунда, неможноста на Зеленски да преговара по саботажата на триесетдневниот мораториум на напади врз објектите на енергетската инфраструктура станува се поочигледна. Триесетдневниот мораториум беше прекршен 136 пати“, изјави Марија Захарова, портпаролка на руското МНР.
Трамп ќе присуствува на погребот на папата Франциск во Ватикан, а потоа ќе отпатува на Блискиот Исток. Не се исклучени средби со претседателите Зеленски и Путин, но поверојатно е дека средбата со рускиот лидер ќе се случи наскоро по патувањето.
Маријана Димовска