Долго ќе трае рехабилитацијата на повредените во пожарот во Кочани
Навршија 40 дена од трагедијата во кочани. Повредените во пожарот закрепнуваат. 44 пациенти се уште се во странство, но, процесот на рехабилитација нема да биде лесен...

Процесот на рехабилитација на пациентите повредени од несреќата во Кочани, ќе биде долг. Кај некои ќе трае од два до три месеца, но кај потешко повредените ќе се одвива и со години и нема да биде лесен. Надлежните ветуваат најдобра можна рехабилитација. Нашите лекари ги обучуваа тимови од Велика Британија, кои имаат искуство со вакви повреди. Во странство во моментов се лекуваат 44 повредени лица а на домашно лекување се 193.
Министерот за здравство Таравари очекува тие да продолжат да се враќаат. Но здравствените власти размислуваат потешките случаи да останат во странските центри. Од Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ информираат дека 99 отсто од вратените од странство, веќе се пуштени на домашно лекување. Во клиниката ќе остане само една пациентка, поради сериозноста на повредите.
Од Клиниката за физикална медицина и рехабилитација, појаснуваат дека постојат процедури коишто се користат во физикалната медицина, за да се рехабилитира организмот. Но се сепак ќе зависи од оштетувањата.
„Во зависност од тоа колкави се оштетувањата односно намалувањето на функциите на мускулоскелетниот систем и на невролошкиот систем, подолг или пократок временски период, кај одредени пациенти очекуваме тој процес до трае со години“, истакна Злате Мехмедовиќ, директор Клиника за физикална медицина и рехабилитација.
При несреќата во Кочани се потврди дека болниците располагаат со мал број амбулантски возила. За таа цел Министерството за здравство во соработка со Владата планира до крајот на годинава, да обезбеди 100 модерни возила за поголемите болници низ државата. Ваква набавка не е направена од 2014-та година.
Елена Георгиевска