Собрание

Истрагата за несреќата во Кочани во фокус на пратеничките прашања

24.04.2025 17:31

Трагедијата во Кочани во фокус на пратеничките прашања. Опозицијата обвини дека истрагата свесно се контаминира за да се заштитат директно одговорните. Премиерот посочи дека осомничени се и актуелен министер и градоначалник, и потсети дека истрагата ја води Обвинителството кое решава кој сè ќе биде опфатен со неа.

Истрагата за несреќата во Кочани и законот за правична застапеност на заедниците во фокусот на пратеничките прашања.

Истрагата за трагедијата во Кочани ја води Јавен обвинител избран на предлог на Владата на СДСМ и ДУИ, затоа можам да кажам дека живееме во време на врвот на демократијата-вака, премиерот Христијан Мицкоски одговори на прашањето од пратеникот Митко Трајчулески од СДСМ, дали остануваат на ставот за разрешување на Коцевски, како што беше најавувано со месеци пред трагедијата.

„Ако јавниот обвинител одлучи дека мене треба да ме приведат, нека ме приведат“ – рече Мицкоски.

Трајчулески обвини, истрагата е контаминирана, како и дека опфатени се само индиректно вклучените лица. Го посочи МВР како најодговорно, кое не преземало соодветни дејства да ја спречи трагедијата. Смета дека целата Влада не покажала чувство на морална одговорност.

На ова премиерот Мицкоски со став-претстојните локални избори ќе покажат чија политичка кариера ќе заврши. Притоа, не ја исклучи можноста за предвремени парламентарни избори, без да прецизира кога би се одржале. Мицкоски рече дека по завршување на процесот со трагедијата во Кочани, повторно ќе ја побара довербата од народот. Оцени и дека опозицијата нема право да морализира по ова прашање, бидејќи во нивно време при несреќите во модуларната болница, Беса транс и Ласкарци немало ниту една кривична одговорност.

Марина Стојанова-Тонева