30-дневен притвор за првоосомничениот и мерки на претпазливост за две лица во продолжената акција за случајот „Адитив“
Случајот „Адитив“ ја разбранува јавноста. Истрагата се проширува, а последните информации велат дека на првата Антикорупционерка Татјана Димитровска судот ѝ го одзеде пасошот, а доби забрана да работи на предмети како дел од комисијата. Осомничена е за оддавање службена тајна. За друго лице, вмешано во постапката, Судот определи 30- дневен притвор...

Мерка притвор во траење од 30 дена за првоосомничениот – вработен во едно од обвинетите правни лица и мерки на претпазливост за две лица – едно службено лице вработено во Подружница ТЕЦ Неготино и за актуелната претседателка на ДКСК, Татјана Димитровска, определи Кривичниот суд, постапувајќи по предлог на Обвинителството во продолжената акција за предметот „Адитив“.
Судија на претходна постапка, постапувајќи по предлог на ОЈО ГОКК за определување мерки за обезбедување присуство и мерки за претпазливост против три лица, поврзани со продолжување на акцијата, од обвинителството означена како „Адитив“, по нивно произнесување во судот, донесе решенија со кои го прифати предлогот на Јавниот обвинител.
„Против Б.Н. осомничен за кривичните дела: Злосторничко здружување, Злоупотреба на постапка за јавни набавки и Перење пари и други приноси од казниво дело, му определи мерка притвор во траење од 30 дена, заради постоење на основите од чл. 165 ст. 1 т. 1, 2 и 3 од ЗКП додека за Б.П.М. и Т.Д. осомничени за кривичното дело Оддавање службена тајна, го прифати предлогот за определување мерки за претпазливост согласно чл. 146 ст. 1 т. 3 и т. 7 од ЗКП, односно Привремено одземање на патната исправа и забрана за издавање нова и Забрана за преземање одредени работни активности поврзани со кривичното дело“, информираат од Основниот кривичен суд Скопје. Против овие решенија странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет.
Обвинителството вчера информираше дека уште три лица се осомничени во случајот „Адитив“.
Предметот „Адитив“ се однесува на истрага за злоупотреба на јавни набавки и перење пари во врска со набавката на адитиви за јаглен за потребите на АД ЕСМ – Подружница РЕК Битола и РЕК Осломеј. Обвинети се 31 физичко лице и 5 правни лица. Според Обвинителството, осомничените лица организирале и извршиле пререгистрација на правни субјекти за да изиграат постапките за јавна набавка, со што овозможиле одредени компании да добијат договори и да се стекнат со значителна имотна корист.
