Македонија

Јубилеј: 35 години од постоењето на Друштвото на македонско- јапонско пријателство и соработка

25.04.2025 12:08

Членовите на Друштвото прават континуирани заложби за продлабочување на пријателството и меѓусебното разбирање меѓу луѓето во Македонија и Јапонија. Учествуваат на сите манифестации што ги организира Јапонската амбасада, како и неколкуте невладини организации што се доста активни кај нас...

По повод одбележувањето 35 години од постоењето на Друштвото на македонско-јапонско пријателство и соработка, во Културно информативниот центар на град Скопје, на 26-ти април, со почеток во 19 часот, ќе биде одржана Свечена седница и Годишно Собрание. Во рамки на програмата што ќе се состои од свечен и работен дел, акцентот ќе биде ставен на значењето на активностите и заедничкиот придонес кон постоењето на ова друштво.

Членовите на Друштвото прават континуирани заложби за продлабочување на пријателството и меѓусебното разбирање меѓу луѓето во Македонија и Јапонија. Учествуваат на сите манифестации што ги организира Јапонската амбасада, како и неколкуте невладини организации што се доста активни кај нас. Д-р Коста Балабанов е првиот претседател на Друштвото за македонско-јапонско пријателство и соработка и некогашен почесен генерален конзул на Јапонија во Македонија, директор на Јапонскиот информативен центар во Скопје. Актуелен претседател на друштвото е проф. д-р Оливер Каранфилски, а потпретседател е проф. д-р Јован Лазарев.

Јапонија е земја позната по традицијата, културата, обичаите и современиот развиток. Јапонците заслужено се здобија со имиџот на високо успешни и квалитетни во реализацијата и развојот на економските, техничко-технолошките, научните и едукативните можности и потенцијали. Преку „Акебоно“, весникот што во иднина ќе се издава во електронска форма, на македонските читатели ќе им биде претставена Јапонската култура и најголемите достигнувања на Јапонија кај нас. Тоа ќе биде една од многубројните активности, со кои ќе се продлабочи меѓусебното пријателство.

Минатата година Јапонија и Македонија ја прославија 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи и заеднички организираа голем број настани, а членовите на Друштвото на македонско-јапонско пријателство и соработка, беа и остануваат важни партнери што споделуваат заеднички вредности. Јапонската амбасада во Македонија е позната по бројните донации во повеќе сфери од општественото живеење. 

Јасмина Никова