По вчерашната средба Трамп - Зеленски, светот очекува позитивен исход
Продолжуваат руските напади низ украински региони. Руската Федерална служба за безбедност уапси едно лице и ја обвини Украина за смртта на руски генерал. По вчерашната средба Трамп - Зеленски, светот очекува позитивен исход. Претседателката на Европската комисија, Фон дер Лајен, му порача на Зеленски дека Европа секогаш ќе ја поддржува Украина во нејзината потрага по мир...
.

Вчерашната средба меѓу Трамп и Зеленски за време на погребната церемонија на папата Франциск, влева трошка надеж дека мирот во Украина е достижен. Претседателот на САД објави долга порака во која, ги обвини своите претходници дека на сториле ништо да спречат Русија да ја нападне Украина и го искритикува рускиот лидер Владимир Путин за манипулација.
„Само се обидувам да го исчистам нередот што ми го оставија Обама и Бајден, и каков хаос е тоа. Путин немаше причина во изминатите денови да пука ракети врз граѓански цели, градови и населени места во последните неколку дена. Ова ме тера да помислам дека тој можеби не сака да ја запре војната, туку само ме тапка по рамото и со него треба да се постапува поинаку, преку „банкарски“ или „секундарни санкции?“ Премногу луѓе умираат“, изјави Трамп.
Трамп и Зеленски во Рим се сретнаа и со францускиот претседател Макрон и со британскиот премиер Стармер. Украинскиот претседател оствари средба и со италијанската премиерка Мелони, претседателката на Европската комисија, Фон дер Лајен, која му порача на дека Европа секогаш ќе ја поддржува Украина во нејзината потрага по мир.
„Навистина имавме многу продуктивен состанок. Не сакам да навлегувам во многу детали ако е можно, поради многу чувствителни прашања. Се разбира, целосно се работи за тоа како да се доближи мирот и сакаме да продолжиме со таквите состаноци за да донесеме мир во Украина“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Претходно рускиот Путин објави дека украинските сили целосно се повлекле од Курск. Од Кремљ велат дека се поразени најдобро подготвените, најдобро обучените и западно опремените сили на Украина. Во меѓувреме, руската Федерална служба за безбедност уапси едно лице осомничено за експлозија на автомобил во која загина руски генерал и обвини дека нападот е дело на Украина.
„Обвинетиот е приведен од оперативните служби на ФСБ на Русија, истражителите работат со осомничениот. На истражителите им рекол дека уште во 2023 година бил регрутиран од специјалните служби на Украина и го извршил терористичкиот акт по инструкции. Инспекторите ги утврдуваат сите околности“, изјави Светлана Петренко, портпарол на Истражниот комитет на Русија.
Во текот на ноќта, Русија лансираше речиси 100 беспилотни летала во неколку региони низ Украина. Во голем број украински региони е прогласена воздушна опасност вклучително во Одеса, Киев, Суми, Запорожје.
Маријана Димовска
