Клучна недела за ставање крај на војната во Украина
Зеленски сака да склучи мировен договор и е подготвен да се откаже од Крим, уверува американскиот претседател. Разочаран е што Русија продолжи со нападите за време на дискусиите. Од Вашингтон велат дека неделава е клучна и нема да трошат многу време ако нема напредок. Шефот на руската дипломатија објави дека е подготвен да постигне договор со САД, но деталите треба да се финализираат. Во меѓувреме, Северна Кореја за првпат потврди дека испратила војници да се борат за Русија во војната со Украина.

Клучна недела за ставање крај на војната во Украина. Нема да трошиме време ако нема напредок во преговорите меѓу Москва и Киев, став на американскиот државен секретар Рубио. Шефот на Белата куќа вели дека Зеленски сака да склучи мировен договор со Русија и е подготвен да се откаже од Крим. Трамп изрази разочарување во однос на руските напади врз Украина и покрај дискусиите. Изјавата следува по средбата со украинскиот претседател за време на погребот на папата Франциск, на која Зеленски побарал повеќе оружје.
„Му треба повеќе оружје, но тоа го зборува три години и ќе видиме што ќе се случи. Сакам да видам што ќе се случи. Затоа што Русија, јас бев изненаден и разочаран, многу разочаран што бомбардираа места по дискусиите. Сакам да престанат да пукаат и да седнат и да потпишат договор“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Русија се обидува да ги измами САД и другите земји и дополнително да ја продолжи војната, вели украинскиот претседател. Зеленски тврди дека е потребен соодветен одговор од светот – со нови санкции и уште поголем притисок за Москва.
„Русите многу зборуваат за нивната наводна подготвеност да ги прифатат американските предлози, но засега нема знаци дека руската армија се подготвува за вистински молк. Притисокот е неопходен за да се натераат Русите да ги преземат сите чекори – се што е неопходно за да се запре војната“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Кремљ е подготвен да постигне договор со САД за Украина, иако некои елементи треба да бидат фино прилагодени, истакна шефот на руската дипломатија. Лавров одби да каже за што се разговара во преговорите, потенцирајќи дека тие не треба да бидат јавни.
„Ние сме навистина љубезни луѓе, и за разлика од некои други, никогаш не разговараме во јавноста за тоа што се разговара во преговорите. За да побарате нечие мислење во врска со суштината, одете кај Зеленски. Тој е среќен да разговара со кого било преку медиумите, дури и со претседателот Трамп“, изјави Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.
Северна Кореја за првпат потврди дека испратила војници да се борат за Русија во војната со Украина по наредба на лидерот Ким Џонг-Ун. Соопштението следува два дена откако Путин објави дека целосно го вратиле Курскиот Регион. Украинските власти го негираа тврдењето. Американскиот Стејт департмент изрази загриженост поради директното вклучување на Пјонгјанг во војната, побара распоредувањето на воени сили да запре.
Маријана Димовска
