Реакции по победата: Со Ердоган, Ататурк ќе замине во историјата!?
оментарот на медиумите во регионот и во светот се неговите сопствени зборови – нова ера за Турција, Ататурк заминува во историјата. Веќе го нарекоа Султанот Ердоган...

Со големо оро среде Ризе, родниот град на Реџеп Таип Ердоган, се славеше неговата изборна победа. Централната прослава беше во Анкара, каде што новиот претседател и се обрати на нацијата. Коментарот на медиумите во регионот и во светот се неговите сопствени зборови – нова ера за Турција, Ататурк заминува во историјата. Веќе го нарекоа Султанот Ердоган.
„Денес Турција се раѓа од пепелот, ова е основањето на нова Турција. Нагласувам – ќе бидам претседател на сите 77 милиони, не само на тие што гласаа за мене“, рече новиот турски претседател.
Би-Би-Си пишува – Ердоган сака да обезбеди поголема претседателска моќ, но неговите противници се плашат од се поавторитативна власт. Си-Ен-Ен го пренесува ставот на Ихсаноглу, главниот опозициски кандидат –политичко партнерство со Ердоган би било „многу добро“. Ројтерс пак, забележува долгорочна политичка стабилност по скокот на лирата во однос на доларот. Главно, се очекува жешка политичка есен – трка за парламентарниот состав, изборот на новиот премиер, за кој многумина стравуваат дека ќе биде марионета на Ердоган, но и справување со политичките неистомисленици.
„Предавничката мрежа, бандата што стои меѓу нас и не работи за својата татковина, туку за други земји и кругови - ќе биде урната, а предрасудите елиминирани“, нагласи Ердоган.
Новиот претседател ја има поддршката од потрадиционалните групи коишто помогна да се издигнат економски, но не е прифатен со раширени раце во урбаните центри. Особено добра реакција пристигна од Појасот Газа поради цврстиот став на Ердоган за поддршка на Палестинците.
„Народот е одговорен за тоа пред нас, и лошо и добро. 24 проценти се воздржаа од гласање. Јас не го поддржувам Ердоган. Се надевам дека на Турција и претстојат добри времиња, но изгледа дека не е така“, смета Ибрахим Ондер, жител на Истанбул.
„Му честитаме на Реџеп Таип Ердоган за победата. Среќни сме и Хамас и Газа. Ердоган многу работеше на палестинското прашање“, изјави Сами Зухри, портпарол на Хамас.
До Ердоган пристигнаа првите честитки од Европската унија и од другите светски лидери. Претседателот на Република Македонија Иванов му упати честитки и искрени желби за успех на одговорната функција, истакнувајќи ги традиционално добрите односи на двете земји и увереноста за нивно натамошно унапредување.
Ивана Салтировска
