воен конфликт

Путин предложи привремен прекин на огнот

28.04.2025 17:49

Путин објави тридневен прекин на огнот во Украина кој треба да почне од полноќ на 8 мај, очекува Киев да го прифати предлогот. Ако Русија навистина сака мир, борбите треба веднаш да престанат-реагира Киев. Трамп го губи трпението, сака да види трајно, а не привремено примирје-од Белата куќа го коментираа предлогот на Путин...

Русија објави привремен прекин на огнот во Украина, очекува Киев да го прифати предлогот-соопшти Кремљ. Одлуката за привременото примирје на Путин е од хуманитарни причини и сите воени дејствија ќе бидат прекинати од полноќ на 8 до 11 мај – што се совпаѓа со прославите на победата по повод крајот на Втората светска војна. Шефот на Кремљ веќе им сè се заблагодари на своите војници за нивниот придонес во борбите во Украина.

„Знам дека апсолутен приоритет за вас останува обезбедувањето исполнување на задачите на специјалната воена операција, поддржувајќи ја одбранбената индустрија, армијата и морнарицата. Ви благодарам за длабокото разбирање на вашата граѓанска и професионална одговорност“, изјави Владимир Путин, претседател на Русија.

Одлуката на Путин следува откако САД објавија дека ова е клучна недела за ставање крај на војната во Украина и дека нема да трошат време ако нема напредок во преговорите меѓу Москва и Киев. Од Белата куќа го коментираа предлогот на Путин, потенцирајќи дека Трамп го губи трпението и сака да види трајно, а не привремено примирје.

„Претседателот сака да види трајно примирје што ќе ги запре убиствата и крвопролевањата. Тој станува се повеќе фрустриран од лидерите на двете страни кои мора да седнат на маса и да договорат излез од конфликтот“, изјави Каролин Левит портпаролка на Белата куќа.

Ако Русија навистина сака мир, борбите треба веднаш да престанат-први реакции пристигнаа и од Киев.

„Зошто да се чека до 8 мај? Ако огнот може да престане сега и да продолжи без прекин најмалку 30 дена, тоа би покажало дека примирјето е вистинско, а не само заради парада. Украина е подготвена да поддржи траен, стабилен и целосен прекин на огнот. Тоа е она што ние постојано го предлагаме“ - напиша шефот на украинската дипломатија Андриј Сибиха.

Истовремено, Северна Кореја за првпат потврди дека испратила војници во Русија за да ја поддржи нејзината војна против Украина. Целта била да ѝ се помогне на Русија да го врати својот Курски Регион, кој украинските сили го зазедоа во ненадеен напад минатата година.

 

Бојана Крстевски