Вашингтон добива пристап до природните ресурси на Киев, потпишан договорот за ретките минерали
Украина и сад потпишаа договор за ретките минерали. Вашингтон добива пристап до природните ресурси, но остануваат под контрола на Киев. За возврат, Украина добива американска помош и обнова на земјата. За Украина договорот е дел од пошироката преговарачка рамка која ќе доведе до воспоставување траен, одржлив и праведен мир, за Москва крајот мировниот договор не е можно брзо да се постигне. На фронтот, нови руски масовни напади врз Одеса и Суми

По неколкумесечни тензии и преговори, САД и Украина го потпишаа договорот за ретки минерали што ќе му даде на Вашингтон пристап до природните ресурси на Киев во замена за американската помош во одбивањето на руската инвазија и обнова на земјата.
„Овој договор јасно ѝ сигнализира на Русија дека администрацијата на Трамп е посветена на мировен процес фокусиран кон слободна, суверена и просперитетна Украина на долг рок. И да биде јасно, на ниедна држава или лице кое ја финансирало или снабдувало руската воена машинерија нема да му биде дозволено да има корист од реконструкцијата на Украина“, изјави Скот Бесент -секретар за финансии на САД.
Меѓу условите во договорот е дека целосната сопственост и контрола останува кај Украина-соопшти украинската министерка за економија.
„Во име на Владата на Украина, го потпишав Договорот за основање на Инвестициски фонд за реконструкција на САД и Украина. Сите ресурси на нашата територија и во територијалните води ѝ припаѓаат на Украина. Украинската држава е таа што одредува што и каде да се вади. Подземјето останува под украинска сопственост – ова е јасно утврдено во Договорот“-информираше Свириденко на социјалните мрежи.
Договорот доаѓа во време на трговска војна на САД со Кина, од каде што се набавуваат 90 насто од моменталните светски залихи на ретки метали. Поранешниот амбасадор на САД во Украина договорот го коментира како фер и избалансиран.
„Сега сме 50-50. Тоа е фер и избалансиран договор од двете страни, и од американската и од украинската. Двете страни се задоволни и ќе имаат обострана корист“, изјави Вилијам Б. Тејлор -поранешен амбасадор на САД во Украина.
Додека украинската влада гледа на договорот со САД како дел од пошироката преговарачка рамка која ќе доведе до воспоставување траен, одржлив и праведен мир, Москва ги условува преговорите за завршување на војната во Украина со исполнување на нејзините стратешки цели. Мировниот договор не е можно брзо да се постигне-истакнаа претходно од Кремљ.
„Свесни сме дека Вашингтон сака да постигне брз напредок, но се надеваме на разбирање дека решавањето на украинската криза е премногу сложено за да се постигне брзо. Постојат многу детали и голем број нијанси што треба да се решат пред да се постигне договор“, изјави Дмитриј Песков -портпарол на Кремљ.
Во меѓувреме, Русија изврши нови масовни напади со дронови врз Одеса и Суми. Има жртви и повредени-јавуваат украинските власти.
Бојана Крстевски
