Се заоструваат тензиите меѓу Индија и Пакистан, од ОН повикаа на итна деескалација
Растат тензиите меѓу двете нуклеарни сили по крвавиот напад извршен од исламистичките групи во индискиот дел на Кашмир. Индија ги суспендира летовите на пакистанските авиокомпании, откако претходно истото го стори и Исламабад. Од Обединетите нации повикаа на итна деескалација...

Се заоструваат тензиите меѓу Индија и Пакистан. Расте загриженоста од ескалација на конфликтот меѓу двете нуклеарни сили откако вооружени исламистичките групи убија најмалку 26-мина туристи во индискиот дел на Кашмир. Индија го затвори воздушниот простор за пакистанските авиокомпании, откако истото претходно го стори и Исламабад. Десетици пакистански државјани кои живеат во Индија ги напуштија своите домови, по одлуката на Њу Делхи Пакистанците да ја напуштат територијата на Индија.
„Властите ми рекоа дека сум нелегален државјанин и треба да заминам. Само што се породив. Мојот сим има 14 дена. Не ми е дозволено да патувам, поради царскиот рез, но што да правам“, изјави Сара Кан – пакистанска државјанка.
„Мојата мајка дојде со нас, но индиските власти ја вратија назад. Ни рекоа дека со индиски пасош не е дозволено да ја премине границата“, изјави Мохамед Ајран – индиски државјанин.
„Апелирам до индиската влада и до претседателот Моди до го преиспитаат прашањето за оние граѓани кои се со мешани бракови – индиски и пакистански државјани и нивните проблеми со визите. Треба да им се дозволи да биде со своите семејства“, изјави Мухамед Имран – пакистански државјанин.
Од Обединетите нации загриженост поради зголемување на тензиите меѓу Њу Делхи и Исламабад. Во телефонскиот разговор со индиските и пакистанските власти, генералниот секретар Гутереш повикал на итна деескалација во регионот.
„Генералниот секретар Гутереш изрази длабока загриженост поради зголемените тензии меѓу Индија и Пакистан. Ја нагласи потребата од избегнување конфронтација што би резултираа со трагични последици. Генералниот секретар ги понуди своите служби за поддршка на било какви напори за деескалација“, изјави Стефан Дужарик – портпарол на генералниот секретар на ООН.
Исламистичките групи и претходно честопати вршеа напади во регионот, предизвикувајќи тензии и вооружени судири меѓу армиите на Индија и Пакистан. Њу Делхи овојпат реагира со жестоки напади, обвинувајќи го Пакистан дека ги поддржува сепаратистите во кашмир.
Маја Стојанова
