Во Белград 1 Мај помеѓу скара пред Собранието, студентски протест и борба за работнички права пред Владата
Во Нови Сад и Белград се одржуваат масовни протести за да се одбележат шест месеци од трагедијата во која загинаа 16 лица кога се сруши настрешница на железничката станица во Нови Сад...

Денес е 1-ви мај, а воедно се навршуваат 6 месеци од големата трагедија во Нови Сад. И додека во овој град имаме големи протести, во Белград на повик на студентите во блокада, 5 независни струкови синдикати се собраа на протест пред владата на Србија.
„Денес е Меѓународен ден на трудот и денес се навршуваат половина година од падот на настрешницата, трагедија за која никој не одговараше. Денес стоиме заедно обединети во борбата за правда и слобода, за достоинство и достоинствена работа, за соодветна работа на институциите, за исполнување на студентските и работничките барања“, изјави студент.
Барањата на работниците се да смени Законот за штрајк и Законот за труд, додека студентите кои масовно ги поддржаа работниците, најавија дека од денес ќе ги радикализираат протестите со нови видови на притисок.
„Состојбата во Србија не оди во добар смер, оти власта е глува на сето она што студентите и граѓаните 6 месеци го говорат и реагира само со насилство и со оној циркус што е направен пред Собранието“, изјави Весна Малишиќ, главен и одговорен уредник на Радар.
И додека пред Владата илјадници луѓе ги истакнаа барања за работнички права, на 100 метри оддалеченост пред Собранието на Србија беа собрани поддржувачите на политиката на претседателот Александар Вучиќ кои со скара и музика го одбележаа Денот на трудот.
Така во Белград се одбележува 1 Мај и шест месеци од трагедијата во Нови Сад.
Од Белград за МТВ Оливер Бранковиќ
