Израел повикува десетици илјади резервисти за проширување на офанзивата во Газа
Израел го зголемува притисокот врз Хамас со цел враќање на заложниците и поразување на милитантите. Нетанјаху најави одмазда на Хутите и Иран по синоќешниот ракетен напад кон израелскиот меѓународен аеродром „Бен Гурион“...

Израел повикува десетици илјади резервисти за проширување на офанзивата во Газа. Го зголемува притисокот врз Хамас со цел враќање на заложниците и поразување на милитантите. Во истовреме, Нетанјаху најави одмазда на Хутите и Иран по синоќешниот ракетен напад кон израелскиот меѓународен аеродром „Бен Гурион“.
„Ќе преземеме силни мерки против Хутите, имајќи на ум дека тие дејствуват по упатствата и поддршката на Иран. Затоа ќе направиме се што е потребно за нашата безбедност, ефикасно да одговориме и навремено да го предупредиме Иран дека ова не може да продолжи“, изјави израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху.
Техеран најави силен противудар доколку Израел или САД нападнат.
„Доколку бидеме нападнати ќе одговориме силно. Ќе ги нападнеме нивните интереси, бази и сили без никакви резерви или ограничувања“, порача Генерал Азиз Насирзаде, министер за одбрана на Иран.
САД ги напаѓаат упориштата на Хутите во Јемен од 15-ти март, а американскиот претседател Трамп вети дека ќе го смета Иран за одговорен за сите напади извршени од групата.
