Симион и Дан одат во втор круг на претседателските избори во Романија
Кандидатот на крајната десница Симион води на претседателската трка во Романија. Во вториот круг од изборите ќе се соочи независниот кандидат и актуелниот градоначалник на Букурешт, Дан ...

Георге Симион-опозицискиот кандидат од крајната десница е убедлив победник во првиот круг од повторените претседателски избори во Романија. Заедно со независниот кандидат, градоначалникот на Букурешт, Никусор Дан одат во вториот круг. Според Централната изборна комисија, евроскептикот Симион освои 40,96 насто, односно 3,8 милиони гласови.
„Денес романскиот народ гласаше, денес романскиот народ проговори и време е да биде слушнат. Романците се кренаа против сите пречки, манипулации и против медиумите платени да нè деградираат“, изјави Георге Симион – лидер на партијата Алијансата за единство на Романците.
Опонентот на Симион, Никусор Дан со кој ќе се соочи на 18 мај, успеа да го освои второто место со 20,99 насто гласови во тесна трка со Антонеску од владејачката коалиција. Најави тежок втор изборен круг, со надеж за победа и ветување дека ќе го задржи западниот правец на земјата.
„Ќе има тежок втор круг избори со изолационистичкиот кандидат. Нема да има дебата меѓу луѓето, ќе има дебата меѓу прозападниот пат за Романија и антизападниот пат. Наша задача е да ги убедиме Романците дека на земјата ѝ е потребен прозападен правец и на тоа ќе се фокусира нашата кампања во следните две недели. Ги повикувам сите Романци да бидат дел од оваа битка“, изјави Никусор Дан-независен кандидат и градоначалник на Букурешт.
Кандидатот на владејачката коалиција Крин Антонеску, со резултат од 20,07%, го призна поразот. Повторените претседателски избори следуваат пет месеци откако беа поништени, што ја втурна земјата-членка на ЕУ и НАТО во најлошата политичка криза во последните децении. Лани во ноември, десничарскиот радикал Калин Георгеску изненадувачки победи во првиот круг од претседателските избори, а по обвинувањата за изборни прекршувања и руско мешање, што Москва ги негираше, Уставниот суд ги поништи изборите исклучувајќи го од изборите.
Според аналитичарите, победата на Симион кој го зазеде неговото место како кандидат од десничарскиот табор, би можела да ја изолира земјата и да го дестабилизира источното крило на НАТО, проширувајќи ја групата евроскептични лидери во ЕУ.
Бојана Крстевски
