Економија

Власта и опозицијата со меѓусебни обвинувања кој е виновен за ценовниот шок

06.05.2025 15:47

По истекот на мерката за скалести маржи, граѓаните бележат зголемување на цените на дел од производите. Но, не во сите маркети, туку кај дел од трговците. Организацијата за заштита на потрошувачите ја следи ситуацијата, партиите со меѓусебни обвинувања...

Месото, млекото и млечните производи, а најмногу кафето имаат нови, повисоки цени во дел од маркетите, реагираат граѓаните. Ова следува откако заврши владината мерка за ограничување на бруто-профитните маржи на основните производи. Па така, трговците имаат одврзани раце да ги одредуваат цените на производите.

Од Организацијата на потрошувачите за МТВ велат дека до нив нема пристигнато посериозни поплаки, но едни цени има на рафт, други цена на каса.

Граѓаните се соочуваат со нови ценовни шокови по маркетите и продавниците, реагираат од сдсм.

На ова реагираа од ВМРО-ДПМНЕ. Велат дека токму СДСМ била виновна за уништениот стандард на граѓаните.

„СДСМ за време на нивното владеење го покачи ДДВ од 5 на 10% на околу 1.500 прехранбени производи. И откако поскапеа 1.500 производи, сега лицемерно бара негово укинување на околу 200 производи, кое нема да има никаков ефект врз цените“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од Владата велат дека нема да дозволат да има трикови кај дел од трговците. Државниот пазарен инспекторат врши контроли.

Мерката за ограничување на маржите стартуваше на 20-ти февруари, а заврши на 30-ти април.

 

Борис Грујоски