Кривичен суд

Јованов призна вина, семејството на Фросина бара најстрога казна

09.05.2025 16:00

Во Кривичниот суд почна судењето на Васил Јованов, кој на крајот на јануари, возејќи пијан и без возачка дозвола, на пешачки премин ја усмрти Фросина Кулакова. Обвинет е за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Јованов призна вина. Семејството на Фросина бара најстрога казна, одбраната бара да се земат предвид олеснителните околности...

Се извини, изрази сочувство до семејството на Фросина, па призна вина за стравотната несреќа во која ја усмрти 22- годишната девојка. Имам голема грижа на совест и тоа што го направив ќе ме прогонува до крајот на животот, рече обвинетиот Васил Јованов. Неговиот адвокат побара пониска казна, затоа што бил редовен студент и наградуван спортист и како што рече, многу се кае за стореното.

Возел цик-цак, без дозвола, пијан, пред црвеното светло на семафорот не застанал и го уби нашето девојче – рече мајката на Фросина која побара најстрога казна.

На Јованов му се суди за „тешки дела против безбедноста на луѓето во сообраќајот“ за што е предвидена казна затвор до 20 години. Сообраќајната несреќа се случи на булеварот „Партизански одреди“ пред полноќ на 29 јануари годинава.

 

Анита Димитријевска - Велковска