Антонио Кошта во земјава

15.05.2025 13:40

Претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта во Скопје. Кошта дава охрабрување и поддршка за евроинтегративниот процес ...

Нова посета на претседателот на Европскиот совет, остануваат старите позиции. ЕУ очекува Македонија да го испорача прифатеното од преговарачката рамка и да направи уставни промени за да продолжи напред на евроинтегративниот пат. „нема план б, фокусирајте се на планот а“, рече претседателот на советот Кошта.

На речиси двочасовниот состанок во владата на Кошта му бил повторен ставот на Македонија дека се прифатливи уставни промени со одложено дејство, како гаранција дека нема да има нови условувања за билатерални прашања. Македонија го има најтешкиот и фрустрирачки пат кон ЕУ, но нема да прифати нови отстапки доколку другата страна не го направи истото, рече премиерот Мицкоски, кој повика заеднички да се дејствува за одблокирање на процесот.

Кошта оцени дека Македонија направила многу за реформите, дека за нив и ЕУ финансиски помага, но како клучни ги потенцираше владеењето на правото и борбата со корупцијата. Тој нагласи дека земјава треба да работи на инфраструктурни проекти за коридорите 8 и 10.

Посетата на претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта е прва од серијата посети од ЕУ во Македонија. До крајот на месецов во посета ќе дојде и високиот претставник за надворешна и одбранбена политика Каја Калас, а на почетокот на јуни и еврокомесарката за проширување Марта Кос.

 

Ирина Гелевска