Економија

Развојната банка изврши исплата на третата транша од унгарскиот кредит

15.05.2025 16:54

Исплатена третата транша од унгарскиот кредит кон компаниите. Со 41,3 милиони евра ќе се поддржат 175 проекти. Финансиската инјекција се очекува да внесе нова динамика во стопанството...

Свежи пари за домашните компании се добредојдени, но да бидат искористени за развој на економијата. Бизнисмените ја поздравуваат најавата на министерката за финансии, дека е исплатена третата транша од 41,3 милиони евра кон деловните банки за поддршка на 175 проекти, пари од унгарскиот кредит за инвестиции и развој.

Бизнисмените бараат македонските фирми да бидат изведувачи и подизведувачи за изградба на патиштата, болниците, пругата, енергетските капаците.

Министерката за финансии се надева дека проектите ќе дадат значаен инпут врз економскиот раст и ќе бидат сигнал кон остварување на проекцијата од 3,7%.

„Досега се префрлени 125,7 милиони евра во три транши. Компаниите имаат на располагање средства во износ од 250 милиони евра кои се планирани во буџетот за 2025 година и за поддршка на своите проекти можат да поднесат барање во деловните банки преку кои се реализира оваа мерка на Владата, насочена кон поддршка на домашната економија“, изјави Гордана Димитриеска-Кочоска -министерка за финансии.

Средствата ќе бидат најкорисни за мали компании, особено за набавка на опрема во вредност од 19,5 милиони евра.

Најголем дел од парите ќе се трошат за инвестиции во производствените компании, кои се очекува да доведат до зајакнување на македонската економија.

 

Борис Грујоски