Навремена дијагностика на аутизмот кај децата
Граѓаните се жалат до правобранителот, а имаат и зошто. На пример, родители на деца со аутизам сметаат дека државата потфрла. Не ја добиваат потребната поддршка. Дополнителен проблем е што нарушувањето доцна се дијагностицира...

Речиси две децении Ирена се бори со стереотипите, мајка е на дете со аутизам. Кан има 16 години и со образовен асистент редовно оди на училиште. Музиката му е омилено хоби, сака да свири и да пее. Ирена смета дека државата не се грижи доволно за децата со аутизам. Вели – клучна е психолошката поддршката за родителите, која не ја добиваат од институциите.
„Имаме логопеди и дефектолози кои се од многу голема помош, но не можеме да се потпреме само на нив. Се враќаме повторно дома со тага, одбивање, со незнаење како да се справиме со детето, со неговите сензорни разлики. Затоа клучна е поддршката на родителите која во нашата држава ја нема, не постои“, изјави Ирена Лозана – мајка на дете со аутизам.
Македонија уште многу треба да промени кога станува збор за аутизмот. Освен што е потреба поголема инклузија на децата, ова нарушување доцна се дијагностицира.
„Порано сум имал и осумгодишни деца со класичен аутистичен спектар, а не се дијагностицирани. Сега добиваме веќе во четврта, петта година, има и на тригодишна возраст, што е добро. Рана дијагностика води кон рана интервенција, а раната интервенција води кон подобри резултати на рехабилитацијата и третманот на оваа популација“, изјави проф. Владимир Трајковски – претседател на македонското научно Здружение за аутизам.
Според проценките на Македонското научно здружение, во земјава околу 20 илјади лица имаат аутистичен спектар на нарушувања.
Во земјава нема регистар за лица со аутизам. Според светската здравствена организација, едно на 100 деца е дијагностицирано со ова нарушување.
Андријана Ѓурческа
