Имунизација

Во Велес нема невакцинирани деца

27.05.2025 14:06

По завршувањето на „Неделата на имунизација“ и теренската посета „Од врата до врата“, во велешко годинава нема регистрирано случај на т.н. фантом, дете кое е невакцинирано. Единствено вакцинацијата за МРП-морбили, рубеола и паротитис е под 90 отсто, сите останати се високи. Покачен е опфатот за вакцинација од ДТП кој по прогласувањето на епидемија од магарешка кашлица скокна од 79 на 90 отсто…

Почетокот на месецов беше „Неделата на имунизацијата“, а потоа продолжи теренската посета „Од врата до врата“. И двете активности на здравствените работници, со цел подигање на свеста за редовната вакцинација, минале без да се пронајде невакцинирано дете во велешко, што зборува за успешноста од претходните години.

Опфатот со вакцинацијата на децата од најрана возраст во велешко е висок, 90 проценти, освен за МРП-морбили, рубеола и паротитис која е 77 отсто. Родителите ги носат нивните деца за оваа вакцина подоцна, после 18 месеци возраст, не на 12 месеци кога треба да се прими по вакциналниот календар, иако невакцинираното дете е дупка во здравствениот систем и ја загрозува состојбата на луѓето кои не можат да се вакцинираат.

Вакцинацијата на децата од училишта возраст во велешко е висока, на сите вакцини е над 93 отсто. Од годинава вакцината за ХПВ започна да се аплицира и на машките деца. Одзивот во велешко е висок.

Петар Печков