Трајко Славески застана на чело на Народна банка
Ниска и стабилна инфлација, финансиска стабилност, поддршка на политиките на Владата – професорот Славески избран за нов гувернер на Народна банка. Изборот на Славески се случи доцна синоќа, за него гласаа 68 пратеници, а 16 беа против...

Економијата ќе остане стабилна со фиксен девизен курс на денарот во однос на еврото. Трајко Славески застана на чело на Народна банка. Ја положи свечената заклетва и порача дека ќе се залага за ценовна и финансиска стабилност, а најави и поддршка на владините политики. Изборот на новиот гувернер дојде доцна синоќа во македонското Собрание, со 68 гласа за и 16 против.
За изборот на Славески претходеа расправа и низа реплики и контрареплики во парламентот. Пратениците од власта се фокусираа на неговата стручност и компетентност, додека, опозицијата на политичката припадност на Славески и визијата за независноста на институцијата.
Народна банка била и ќе остане независна, додава новиот шести по ред гувернер. Славески дојде на челното место на Централна банка по предлог на претседателката Сиљановска-Давкова.
Славески на оваа позиција доаѓа од претседателското место во Советот на Град Скопје. Тој е и универзитетски професор на Економскиот факултет, а беше министер за финансии од 2006-та до 2009-тата.
Борис Грујоски
