Град Скопје

Арсовска ги достави документите со кои тврди дека во Чаир се гради на диво

31.05.2025 16:47

Градоначалничката Данела Арсовска ги достави сите документи со кои тврди дека на диво се гради во општината Чаир. Се чуди, како до сега ОЈО постапувало по „допрен глас“ а сега бараат градоначалничката да пријави...

Градоначалничката Данела Арсовска ги достави сите документи со кои тврди дека на диво се гради во општината Чаир. Се чуди, како до сега ОЈО постапувало по „допрен глас“ а сега бараат градоначалничката да пријави. На Висар Ганиу и на Изет Меџити им порача дека не им се плаши. Очекува конечно да се постапи со цел обезбедување на доказите кои посочените, како што вели, се обидуваат да ги уништат.

Претходно, од Обвинителството ја повикаа Арсовска ако има докази за сторено кривично дело да ги достави до истражните органи.

„Доколку градоначалничката како службено лице има сознанија за кривично дело, таа има обврска тоа да го пријави, да соработува со јавното обвинителство и да посочи кај кои конкретни парцели или згради се откриени сомненија за незаконитости. Тоа е неопходно за да може да постапува обвинителството и да спречи евентуално компромитирање на доказниот материјал“, велат од оттаму.

Арсовска вели дека нема намера да се стави себеси и своето семејство во опасност бидејќи, според неа, никој не постапува. Најави в понеделник дека ќе ја донесе целата документација со 150 предмети.

Александра Спировска