Сточарството замира, за 10 години преполовен сточниот фонд
Високата цена на сточната храна и ниската откупна цена на млекото, доведува до намалување на сточарството како во Пелагонија, така и во целата држава. Загрижувачки се податоците на Државниот завод за статистика, кои говорат за преполовениот сточен фонд и преполовеното производство на млеко, во последните 10 години...

Стевче Пивковски е еден од ретките пелагониски сточари кој успеал да ја продолжи семејната традиција долга 70 години. Иако има три деца, стравува дека нема кој да го продолжи бизнисот во иднина. Интересот кај младите за сточарство, речиси и да го нема, а тоа е резултат на лошите услови. Според него, најголем проблем е недостатокот од државно земјиште за производство на сточна храна.
Цената на сточната храна е во постојан раст, исто така и цената на млекото и млечните производи, но тоа не е случај и со откупната цена на млекото која се движи од 29 до 34 денари по литар. Последниот месец според новите правилници, е намалена за еден денар.
Од страна на Министерството за земјоделство, целосно се исплатени субвенциите за литар предадено млеко за ланската година, како и дел од субвенциите по грло добиток. Сточарите во најскоро време ги очекуваат и преостанатите 8.000 илјади денари.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во последните 10 години, забележано е намалување на сточниот фонд за околу 110 илјади грла говеда.
Александра Максимовска
