Бугарија воведува евро, турканици во Собранието и однадвор
Европската комисија одлучи-од јануари во Бугарија еврото станува официјална валута. Жестоки реакции за одлуката-турканици во Собранието и надвор од него.

Во законодавниот дом во Софија искри и турканици меѓу пратениците поради заминувањето на националната валута лев во историјата. Не сме подготвени тврдат во проруската партија Преродба.
„Не за еврото“, „Ние го избираме левот“, масовни антиевропски протести во Софија. Тензично во Собранието и надвор од него.
„Народното Собрание од денес нема да работи. Нема да толерираме да бидеме понижувани и да бидеме ставени во позиција некој друг нам да ни кажува како ќе работиме ние Бугарите“, изјави Костадин Костадинов, лидер на партијата „Преродба“.
Високата инфлација, малите плати и пензии ги зголемија стравувањата меѓу Бугарите дека не се подготвени за воведување на единствената валута на блокот. Бараат оставка од владата која ја продолжи постапката почната во 2018 година, за време на мандатот на Бојко Борисов.
„23 години живеев во Шпанија која го усвои еврото во 2001 година. Знам многу добро што се случува со една земја кога не е подготвена“, рече демонстрантка.
„Ако ни го одземат бугарскиот лев, се плашам дека, еден по еден, ќе ни одземат се, вклучително и нашата вера“, рече друга демонстрантка.
„Сакам Бугарија да биде независна, суверена, силна и слободна“, изјави демонстрант.
Според анкетите, 80 насто од Бугарите се против приклучувањето кон Еврозоната без референдум, јавно изјаснување повикува и претседателот Радев. Политичарите делумно го оправдуваат револтот на народот бидејќи не му објасниле што всушност значи Еврозоната.
„Луѓето се лути. Не е толку важно дали еврото ќе биде усвоено, туку фактот дека не им беше дадена можност да одлучат“, изјави Радостин Василев – партија, Морал, Единство, Чест.
„Вистински верувам дека една година подоцна, еврото ќе биде во употреба, сите предности на еврото ќе станат очигледни и сите наши стравови ќе бидат во минатото, додека Бугарија ќе биде еден чекор поблиску до срцето на Европа“, изјави Кирил Петков – лидер на „Продолжуваме со промената“.
„Ја почитуваме и нивните загрижености и нивното право на протест. За дел од нивната загриженост, ние сме одговорни, бидејќи не објаснивме правилно што всушност значи Еврозоната за Бугарија“, рече Ивајло Мирчев – Демократска Бугарија.
„Немаше информативна кампања. Не беа преземени никакви мерки за да се уверат луѓето во ова транзициски период“, изјави Атанас Атанасов – БСП.
И покрај несогласувањата во Софија, Европската Комисија пресече, исполнети се сите четири критериуми и може да почне постапката за пристапување на земјата кон Еврозоната на 1 јануари следната година.
„За Бугарија, воведувањето на еврото ќе донесе важни бенефиции за граѓаните и бизнисите, помали трансакциски трошоци, ќе ги штити заштедите, ќе донесе поголеми инвестиции, ќе ги зголеми трговските размени, а пошироко во Еврозоната ќе значи и поголема стабилност. Знаеме дека еврото е повеќе од само гаранција, туку е и симбол на европското единство, мирот и просперитетот низ нашиот континент“, изјави Валдис Домбровскис, Еврокомесар за економија и продуктивност.
Демонстрантите велат дека ќе бидат на улиците секој ден до 8 јули, кога се очекува Советот на министрите за економски и финансиски прашања на ЕУ да ги одобри актите поврзани со пристапувањето на Бугарија како 21 членка на Еврозоната.
Маријана Димовска
