Украина

Војна на дронови меѓу Русија и Украина

10.06.2025 13:00

Нови руски напади врз Украина. На удар Киев, но и Одеса каде што било погодено породилиште. Има загинат и неколку повредени. Во Русија привремено затворени пет аеродроми поради наезда на украински дронови...

Гореше небото над Киев и Одеса. Русија лансираше над 500 дрона бомби врз двата града. Во еден од најубавите приморски градови на светот, жителите ја минаа ноќта на улиците. Засега црниот биланс е двајца загинати, и дузина повредени. Насекаде опожарени возила.

„Од експлозијата се запали дизел горивото и имаше експлозија, околните прозорци се уништени“, изјави Ихор-жител на Одеса.

„Премногу локации гореа, гореше дури и зоолошката. Погодено е и породилиштето. Двајца загинаа, деветмина се повредени“, изјави Марина Аверина-гласноговорничка на одделението за тревога на Одеса.

Останете во засолништата беше најчестата порака на градоначалникот на престолнината Кличко до жителите на кои подземната железница им стана втор дом. Нападот врз Киев почна на полноќ, погодени се седум градски области.

„Станбениот сектор беше делумно уништен. Имаше пожари на катовите. Уништени се 18 домови. Има повредени“, изјави Кирило Фесик-шеф на администрацијата на областа Оболон во Киев.

Додека трае одмаздата на Москва за уништените стратешки бомбардери на аеродромите во Сибир, мирот е сè подалеку од војната меѓу Украина и Русија која трае 1200 дена. По застојот во американската поддршка, Киев се потпира врз НАТО и барањето за прием во Алијансата на самитот во Хаг во јуни годинава.

„Неповратно е членството на Украина во НАТО, јас сум оптимист, за ова ќе разговараме интензивно пред самитот на алијансата во Хаг“, изјави Кестутис Будрис-министер за надворешни работи на Литванија.

„Ниедна земја, ниту Русија нема право на вето за Украина во НАТО. Можеби засега немаме целосен консензус со нашите сојузници, но безбедноста на Украина е во суштината на евроатлантската сигурност“, изјави Андриј Сибиха-министер за надворешни работи на Украина.

НАТО го заврши распоредувањето на источното крило, е најновиот коментар на генералниот секретар Руте. Русија ги почна маневрите на балтичката и на северната флота, со поддршка на авијацијата. Целта на вежбата е одбрана на руската енклава Калињинград.

 

Зоран Богатинов