Побаран доживотен затвор за убиствата на Вања и Панче
Случајот што ја потресе целата држава — трагедијата што ги надмина сите граници на човечноста. По месеци на молк и искази што се менуваат, Јавното обвинителство го кажа своето: бара доживотен затвор за четворица обвинети за свирепите убиства на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски. Во завршните зборови, обвинителката ги разоткри сите лаги, ги поби сите алиби и ја раскажа хронологијата на ужасот — грабнување, уцени, прикривање траги и убиство во студена пресметка.

Јавното обвинителство побара доживотен затвор за Љупчо Палевски, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев за убиствата на 14-годишна Вања Ѓорчевска и пензионерот Панче Жежовски. Во завршниот збор, обвинителката Ана Стоилковиќ-Димитровска посочи дека убиствата се направени со умисла од користољубие за изнудување откуп за Вања.
„Мотивот не е нужно да се утврди. Тој е субјективен однос на злосторникот кон делото. Отсуството на мотив не е причина некој да не биде осуден. Казната според Кривичниот законик е од 10 години до доживотен. Нема олеснителни околности за обвинетите. За сите четворица Јавното обвинителство бара доживотен затвор. Одземање живот на дете не се толерира“, стои во соопштението од ЈО.
Обвинителството побара и казна затвор за таткото на Вања, Александар Ѓорчевски кој помогнал со информации за киднапирањето. За него Обвинителството побара судот да изрече соодветна казна, за кое дело максималната казна е 10 години затвор.
„Не тврдиме дека сакал да му го убијат детето, но учествувал во киднапирањето на ќерка си и бараме соодветна казна за тоа“, додадоа од Обвинителство.
Законските застапници на мајката и сестрата на Вања и ќерките на Жежовски се приклучија кон кривичниот прогон и побараа отштета.
Судењето за двојното убиство ќе продолжи за една недела со завршните зборови на одбраната на обвинетите.
Ирина Гелевска
