Останува на сила ноќниот полициски час за некои населби во центарот на Лос Анџелес
Од Белата куќа одново со критики кон лидерите во Калифорнија за неуспехот да воспостават ред на улиците...

Ноќниот полициски час за некои населби во центарот на Лос Анџелес ќе остане на сила на неодредено време, изјави градоначалничката на градот од редовите на демократите.
„Вонредната состојба што ја потпишав вчера нема временско ограничување, па затоа полицискиот час ќе трае сè додека е потребен. Она што се надевам е дека жителите на Анџелес ја добија пораката дека сме сериозни“, изјави Карен Бас, градоначалничка на Лос Анџелес.
Од Белата куќа одново со критики кон лидерите во Калифорнија за неуспехот да воспостават ред на улиците.
„Администрацијата на Трамп ќе продолжи со напорите за масовна депортација што претседателот и ги вети на американската јавност. Многумина од вас беа на тие митинзи кога претседателот зборуваше за својата посветеност за отстранување на насилните, нелегални криминалци и секој што ги прекршил законите за имиграција на нашата нација“, изјави Каролин Ливит, портпаролка на Белата куќа.
Протестите почнаа изминатата недела откако имиграциските власти спроведоа рации во Лос Анџелес за притворање на нелегални мигранти во САД. Трамп испрати 4.000 припадници на националната гарда и 700 маринци за да воспостави ред на улиците. Набрзо демонстрациите се проширија и во други градови.
