БЛИСКИ ИСТОК

Се интензивираат нападите меѓу Израел и Иран

15.06.2025 11:58

Ситуацијата на Блискиот Исток излегува од контрола. Се интензивираат нападите меѓу Израел и Иран. Тел Авив удри по нафтените постројки во Техеран и Шахран, иранската војска возврати со ракетен напад врз научниот институт „Хаим Вајцман“. Жртви и стотици повредени на двете страни.

Ситуацијата на Блискиот Исток излегува од контрола. Се интензивираат нападите меѓу Израел и Иран. Тел Авив удри по нафтените постројки во Техеран и Шахран, иранската војска возврати со ракетен напад врз научниот институт „Хаим Вајцман“. Жртви и стотици повредени на двете страни. Нетанјаху одлучен да ги уништи сите позиции на режимот со цел терористите да не дојдат до нуклеарно оружје.

„Ќе ви кажам што ќе се случеше ако не дејствувавме. Имавме информации дека овој бескрупулозен режим планира да им го даде нуклеарното оружје што ќе го развие на своите терористички посредници. Тоа е нуклеарен тероризам на стероиди. Тоа би го загрозило целиот свет. Иранскиот режим ги бомбардира нашите цивилни населби, додека ние ги таргетираме терористите“, изјави израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху.

Иран жестоко возвраќа, стотици дронови и ракети во координирани акции со јеменските Хути. Тврдат не сакаат проширување на конфликтот, но самоодбраната е легитимно право и ќе престанат со нападите само ако престане агресијата. САД мора да преземат одговорност-велат од Техеран.

„Подготвени сме за каков било договор што ќе спречи Иран да се стекне со нуклеарно оружје, но, ако целта е да се лиши Иран од неговите нуклеарни права, тогаш, секако нема да прифатиме. Истовремено имаме докази за тоа како американските сили му помагале на ционистичкиот режим, уште позначајни се изјавите од самиот американски претседател, кој отворено изрази поддршка, затоа САД се партнери во овие напади и мора да ја преземат одговорноста“, изјави Абас Арагчи, министер за надворешни работи на Иран.

Трамп предупреди на незамислив одговор ако Иран нападне американски интереси, истакнувајќи ја желбата за мир.

„САД немаа никаква врска со нападот врз Иран вечерва. Доколку Иран не нападне на било кој начин, ќе ја осетите полната сила и моќ на американските оружени сили на начин каков што никогаш досега не е виден. Сепак, лесно можеме да постигнеме договор меѓу Иран и Израел и да го завршиме овој крвав конфликт!“, истакна Трамп.

Русија ја осуди израелската агресија и понуди посредување.

„Пред сегашната ескалација, од наша страна беа предложени конкретни чекори насочени кон наоѓање меѓусебно прифатливи договори за време на разговорите меѓу претставниците на САД и Иран за иранската нуклеарна програма“, изјави Јуриј Ушаков, советник за надворешни работи на Путин.

Меѓународната заедница повикува на воздржаност и враќање на преговорите, но засега нема знаци за значителен напредок во дипломатијата.

Бојана Крстевски