Врие на Блискиот исток

Продолжуваат нападите помеѓу Израел и Иран

16.06.2025 09:14

Сирени за евакуација во Тел Авив и во други градови. Иран и Израел продолжија со нападите со ракети и беспилотни летала во текот на ноќта. По предлогот на Трамп, Макрон смета дека Русија нема кредибилитет да посредува во конфликтот меѓу Израел и Иран…

Иран и Израел продолжија со нападите со ракети и беспилотни летала во текот на ноќта. Сирени за воздушен напад се огласија во Тел Авив и други градови принудувајќи ги жителите да бараат засолниште.

„Техеран гори, САД помагаат многу под одлучното водство на претседателот Трамп“, истакна израелскиот премиер Нетанјаху на третиот ден од воздушните напади. Францускиот претседател Макрон изјави дека Русија нема кредибилитет да посредува во конфликтот меѓу Израел и Иран, како што предложи американскиот претседател Трамп.

„Нашите прекрасни пилоти се над ТехеранТехеран гори. Но, ние не ги таргетираме цивилите, иако им рековме да се евакуираат.тие, за разлика од нас, напаѓаат и бомбардираат наши цивили насекаде.ние, се разбира, работиме поинаку“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

Иранскиот претседател Пезешкијан остро ги осуди израелските напади од ирачкиот воздушен простор и побара Багдад да ја зајакне граничната безбедност и да спроведе строга контрола врз воздушниот простор. Иранската војска ги предупреди Израелците да ги напуштат окупираните територии.

„Предупредувања за вашите претстојни денови, напуштете ги окупираните земји, бидејќи тие дефинитивно нема да бидат погодни за вас во иднина. Без сомнение, обемот на разорниот одговор од страна на храбрите ирански борци ќе ги опфати сите области на окупираните земји“, рече полковник Реза Сајад, портпарол на иранската војска.

Регионот е во продолжен конфликт по ненадејното бомбардирање на Израел во петокот на иранските нуклеарни и воени објекти, при што загинаа неколку врвни генерали и научници. Во сенка на воените дејствија, Самит на Г7 во Алберта, Канада. На самитот освен седумте најразвиени ќе присуствува и Европската Унија, како и други шефови на држави поканети од канадскиот премиер Карни.

„Иран е главен извор на регионална нестабилност и никогаш не може да има нуклеарно оружје. Изразивме силна загриженост во врска со нуклеарната и балистичката ракетна програма на Иран. Дипломатското решение останува најдобриот начин на долг рок, за решавање на загриженоста во врска со нуклеарната програма“, рече Урсула Фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија.

„Австралија има предупредување „не патувајте“ за Израел и Иран. Ја изразуваме загриженоста за капацитетите за нуклеарно оружје како нешто што претставува закана за безбедноста во регионот. Но, ние, заедно со другите земји истомисленички сакаме да му дадеме приоритет на дијалогот и дипломатијата“, рече Ентони Албанезе, премиер на Австралија.

Украинскиот претседател Зеленски исто така е еден од гостите и се очекува да се сретне со американскиот претседател Трамп.

Маријана Димовска