Партиски комбинаторики за локалните избори
Партиите почнаа да обелоденуваат дел од кандидатите со кои ќе ја бараат довербата од граѓаните за прв човек на локалната власт. СДСМ веќе објави 19 имиња, ВРЕДИ, ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ најавија поддршка во некои општини, но посебни советнички листи. Сè уште се тактизира со предлог имиња за градоначалник на Скопје …

Додека во ДИК се очекува распишување на изборите, партиите на големо калкулираат. Математики, интереси, рејтинзи … сè е во игра. Си ги промовираат своите кандидати, но резервирани се кога е во прашање поддршката на кандидати од коалициски партнери или да споделат други комбинации.
Опозициската СДСМ ги обелодени имињата на 19 кандидати за градоначалници меѓу нив за три скопски општини. Од таму најавија дека ќе имаат кандидати и за други општини кои ќе ги објават наскоро. За дел од општините каде албанската заедница е мнозинска, ќе постапат согласно анализите од претходните избори.
Партиите на власт со свои проекции. Коалицискиот партнер на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ освен кандидатурата на својот претседател Димитриевски за градоначалник на Куманово, објавија почеток на креирање на листата на советници, назначувајќи го Горан Минчев за шеф на Централниот изборен штаб. Другите кандидати ќе бидат обелоденети откако ќе завршат преговорите со ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски посочи дека со ЗНАМ ќе има меѓусебна поддршка на кандидатите за градоначалници, но дека ќе настапат секој со своја советничка листа.
Сè уште се тактизира и во блокот на партиите на Албанците. На отворањето на изборниот штаб на ВРЕДИ, Меџити само најави дека очекува победа, особено откако членството на Алијанса на Албанците на Таравари, како што рече, му се придружува на донеодамнешниот сопартиец на Таравари, Арбен Фетаи.
За сега листите за советници не се креираат со истиот интензитет како градоначалничките кандидатури. Имајќи ја предвид можноста за многу комбинаторики, очекувањата се дека голема ќе биде разноликоста во советите, а со тоа и можноста секоја од партиите да рефлектира од својата програма во локалните решенија.
Фиљана Кока
