Блиски Исток

Трамп објави крај на конфликтот Израел-Иран

24.06.2025 09:03

Американскиот претседател Трамп прогласи крај на војната меѓу Израел и Иран, но на терен состојбата е поинаква. Израел изутринава јавува за нови ирански напади со балистички ракети. Меѓународната заедница предупредува од ескалација на конфликтот во регионот.

Американскиот претседател Трамп објави дека е договорено примирје меѓу Израел и Иран и дека двете страни се согласиле на целосен прекин на огнот веднаш. Сепак, според проценките на израелските одбранбени сили, помеѓу 10 и 15 балистички ракети беа лансирани од Иран утрово. Повеќето од ракетите биле пресретнати, а погодена е една станбена зграда, има жртви и ранети.

„Честитки до сите. Израел и Иран постигнаа договор за целосно прекин на огнот, кој ќе започне за приближно шест часа, по што Израел и Иран ќе го финализираат конечниот договор, за приближно 12 часа, по што војната ќе се смета за официјално завршена“, изјави објава на претседателот на САД, Доналд Трамп.

Властите во Иран велат дека ќе ги запрат нападите доколку Израел го стори тоа. Во Вашингтон оптимисти за конечен мир на Блискиот Исток.

„Сега Иран не е способен да изгради нуклеарно оружје со опремата што ја има, бидејќи ние ја уништивме. Значи, тоа е многу, многу голема работа. Тоа значи дека мора да разговараме со Иран и, се разбира, со Израел за тоа што носи иднината, бидејќи иако ја уништивме иранската нуклеарна програма, нашата надеж и нашето очекување е да се изгради долгорочна спогодба тука каде што можеме да имаме мир во регионот“, изјави Џ.Д. Венс, потпретседател на САД.

Најавата од Белата Куќа следува по американските напади врз иранските нуклеарни постројки, по што Техеран возврати со одмазднички напади врз американската воена база во Катар. Баражот од ракети над Доха заврши без жртви. Иран го објави времето и местото на нападот, а воздушна одбрана беше целосно подготвена. Катар ги осуди нападите од Иран и опасните дејствија и ги повика сите страни на преговори.

„Државата Катар потврдува дека го задржува правото на одговор во согласност со меѓународните закони и во согласност со обликот и обемот на нападот. Продолжувањето на ескалацијата во регионот само ќе предизвика поткопување на безбедноста и стабилноста не само во овој регион, туку и во целиот свет“, изјави Маџед Бин Мохамед ал-Ансари, портпарол на МНР на Катар.

И Францускиот министер за надворешни работи предупреди на опасна ескалација.

„Ова е опасна ескалација во која, патем, Иран носи голема одговорност. Тоа е спирала на насилство што го става регионот во опасност и би имало многу сериозни последици. Затоа повикуваме на воздржаност, прекин на нападите од сите страни и враќање на преговорите“, изјави Жан-Ноел Баро, министер за надворешни работи на Франција.

Војната почна со нападот на Израел врз Иран на 13 јуни. Тел Авив тврдеше дека сака да го спречи Техеран да изгради нуклеарна бомба. Иран одговори на нападите, а САД се вмешаа во војната во саботата, со напад на три ирански нуклеарни постројки.

 

Маријана Димовска