Усвоен извештајот за Македонија во Европскиот парламент
Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент го усвои извештајот за Македонија. Австрискиот европратеник и известувач за земјава Томас Вајц е оптимист, вели земјата припаѓа во ЕУ. Широко политичко мнозинство дало зелено светло. На седницата беа одбиени сите амандмани поднесени од бугарските европарламентарци и обидот за нов од пратеникот од Европската народна партија, Михаел Гала, да се стави „сегашен“ пред македонски јазик и идентитет...

Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент го усвои извештајот за Македонија. Пред гласањето, претседателот на Комитетот ги осуди нападите кон известителот Томас Вајц кои дојдоа од бугарски европратеници, кои реагираа на референците со кои се потврдуваат македонските идентитет и јазик.
„Сакам јасно да укажам дека осудувам секакви лични напади врз известителот во изминатите недели со обвинувања за пристрасност и лоши дејствија поради контакти со функционери од земјата-кандидатка. Ова е погрешно, оти потребно е известителот да ги чуе позициите на државните функционери на кандидатката што ја оценува, за да ги има сите страни при подготовка на извештајот“, изјави Дејвид Мекалистер, претседател на Комитетот за надворешни работи.
Известителот Вајц во писмена изјава го поздрави широкото политичко мнозинство за усвојување на документот, кој како што рече за 360, покажува јасна поддршка во Европскиот парламент за евроинтеграцијата на Македонија.
„Мислам дека покажува јасна волја и јасна поддршка од европскиот парламент за пристапниот процес, но станува збор за процес заснован на заслуги, така што реформи се неопходни, уставни промени се неопходни. Можеби нема да се последни. Сите наши држави правеа уставни промени за да можат да се приклучат на еу. Ова е многу нормален процес, и да Северна Македонија треба да ги направи следните чекори, да направи уставни промени за конечно да почнеме вистински преговори.“
Пред гласањето за извештајот покрај амандманите од бугарските европратеници Вајчев и Ковачев, нов амандман предложи и координаторот на Европската народна партија Михаел Гала.
„Би сакал да предложам амандман во извештајот едноставно да се стави „модерен“ на четири места пред македонски јазик и идентитет“, рече Гала.
На седницата беа одбиени сите амандмани на бугарските европратеници Вајчев и Ковачев, како амандманот на координаторот на Европската народна партија Михаел Гала. Извештајот за Македонија на известителот Томас Вајц беше усвоен како што е предложен со 40 гласови „за“, 19 против и 10 воздржани.
Бугарскиот европратеник Ковачев направи инцидент по усвојувањето на извештајот за што беше опоменат од претседавачот да се држи до редот на седницата.
„По седницата ќе имам позиција на малцинството и ќе ви ја доставам написмено“, рече изјава Андреј Ковачев, европратеник.
Извештајот за Македонија, во јули ќе се најде на пленарното заседание на Европскиот парламент во Стразбур.
Ирина Гелевска
