Одложено првото рочиште против таткото на Васил Јованов
Одложено првото рочиште против таткото на Васил Јованов, кој во јануари на пешки премин ја прегази младата Фросина Кулакова. Обвинителството ќе го гони Зоран Јованов за поблаго кривично дело, односно, за загрозување на безбедноста во сообраќајот, бидејќи му дозволил на синот без возачка дозвола да седне зад воланот. Родителот на Фросина револтиран оти истата судија која му судеше на Васил е и во овој предмет.

Уште едно одложено судење. На таткото на Васил Јованов, кој во јануари ја прегази смртно Фросина Кулакова во алкохолизирана состојба и без возачка дозвола ќе му се суди во септември. Зоран Јованов не дојде поради неуредна достава, што беше констатирано од судијката Марковска согласно повратниците.
Негодуваше таткото на Фросина поради тоа што истата судијка им суди и на синот и на таткото Јованови. Тој најави кривична пријава.
Измени извршило и Обвинителството во обвинителниот акт поради новоприбавени докази што влијаеле на фактичката состојба. Па сега Зоран Јованов ќе се гони за загрозување на безбедноста во сообраќајот што е полесно кривично дело од она за кое се гонеше претходно.
На рочиштето не дојдоа неговиот адвокат Сашо Дуковски, за кого нема доказ за уредна достава, ниту сведокот Софија Черепналковска, која, според известувањето од нејзиниот татко, се наоѓала во странство.
Таткото на Васил се товари дека во периодот од ноември 2022 до јануари 2025 година му дозволувал на својот син Васил, без возачка дозвола да управува возило повторувајќи постојано сообраќајни прекршоци.
Фиљана Кока
