Доживотен затвор за сторителите на убиствата на Вања и Панче, Александар Ѓорчевски ослободен
Доживотна казна затвор им беше изречена денеска на обвинетите Љупчо Палевски, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој се товареше дека давал информации за движењето на неговата ќерка, е ослободен од обвинение...
Кривичниот суд во Скопје денеска изрече доживотна казна затвор за Љупчо Палевски – Палчо, Велибор Манев, Влатко Кешишев и Боре Видевски за грабнувањето и убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски, извршени во ноември 2023-та година.
Петтообвинетиот, Александар Ѓорчевски – татко на Вања, е ослободен од обвинението.
Судскиот процес траеше 10 месеци со речиси 40 рочишта. Обвинителството побара максимални казни за обвинетите, посочувајќи дека нема олеснителни околности, а делото, особено убиството на дете, не смее да се толерира. Бранителите на обвинетите побараа ослободителни пресуди за своите клиенти.
Судот ги упати семејствата на убиените да бараат отштета преку граѓанска постапка.
