Самит на НАТО во Хаг

Сиљановска-Давкова: Имав пријатен протоколарен разговор со бугарскиот премиер, верувам во потребата од пријателство

25.06.2025 13:22

Претседателката Сиљановска-Давкова се сретнала со бугарскиот премиер Жељасков на маргините на Самитот на НАТО во Хаг. Разговарале, како што вели шефицата на државата, за нужноста од меѓусебно разбирање, без посредување и потребата оној кој е веќе внатре да му помогне на оној којшто оди кон Европската унија...

Претседателката Сиљановска-Давкова се сретнала со бугарскиот премиер Жељасков на маргините на Самитот на НАТО во Хаг. Разговарале, како што вели шефицата на државата, за нужноста од меѓусебно разбирање, без посредување и потребата оној кој е веќе внатре да му помогне на оној којшто оди кон Европската унија. Била изненадена од амандманот со зборот „модерен“, за македонскиот јазик, затоа што такво нешто не постои.

„Имав пријатен разговор со премиерот на Бугарија. Разговаравме за нужноста од меѓусебно разбирање, да се почитуваме, за потребата да го следиме духот на двата народа, за да помагаме и за потребата кој е веќе внатре да му помогне на оној кој оди кон ЕУ. Верувам во потребата од пријателство, верувам дека ќе се случи и мислам дека тоа е нешто неминовно. Не можам однапред да предвидам, но од она што го видов вчера гарантира дека низ дебата ќе дојдеме до единство“, посочи Сиљановска-Давкова пред денешниот состанок на Советот на НАТО во Хаг.

Претседателката вели дека е изненадена од карактерот на поднесените амандмани од бугарските европарламентарци што се однесуваат на нацијата и јазикот.

„Како професорка не знам што значи „модерен“, не постојат, предмодерни, модерни и постмодерни нации и јазици. Сите нации настанале во втората половина на 18 век и во 19 век, па и нашата. Да поднесувате амандмани за идентитетските прашања, а тие се ад акта за разговор бидејќи и договорот за ЕУ и Лисабонскиот договор и Повелбата за фундаментални права гарантираат почитување на националниот и на културниот идентитет и различност“, посочи Сиљановска-Давкова и додаде дека за тие прашања не се разговара.

Очекувам, потенцира, разбирање од нашите први соседи, пријателски однос и мислам дека ќе дојде до тоа.

Од Хаг известува Миле А. Ристески