Здравство

Успешна реализација на 11 значајни инфраструктурни и медицински проекти на Детска клиника

25.06.2025 15:49

Поддршката од Владата е оперативна и се препознава со секоја подобрена болничка услуга и со секое дете што ќе добие третман каков што заслужува...

Во Клиниката за детски болести завршени 11 значајни инфраструктурни и медицински проекти, насочени кон подобрување на условите за лекување и згрижување на најмладите пациенти.

За да биде здравството поблиску до граѓаните има три столба коишто директорот денес ни ги претстави – инфраструктура, добри технологии во работата и добро обучени доктори. Голема благодарност до директорот Мемеди за тоа што го видовме пред и после реализираните проекти, нашата цел е сите клиники да бидат инфраструктурно и технолошки така опремени и со добар кадар,  истакна при денешната посета министерот за здравство, Азир Алиу.

Директорот на клиниката, Реџеп Мемеди информираше дека веќе се реализираат активности за зајакнување на кадарот, клучен предуслов за функционален и одржлив здравствен систем. Во тек е реализација на нови вработувања за доктори, административен кадар, медицински сестри, лаборанти и биолози. Исто така, е завршена е постапката за вработување четворица специјализанти, а наскоро ќе се објави и нов оглас за тројца лекари, за кои веќе се добиени согласности. Во претстојниот период ќе бидат воведени три медицински процедури и ќе се отвораат нови кабинети за хемодијализа и ултразвучна цистографија на одделот за нефрологија, обезбеден е и апарат за стрес-тест на одделот за кардиологија.

Поддршката од Владата е оперативна и се препознава со секоја подобрена болничка услуга и со секое дете што ќе добие третман каков што заслужува.

На новинарско прашање, министерот информираше дека од денес има нова веб страница на Министерството за здравство, поставена е апликација за отворен кабинет, преку која граѓаните ќе имаат можност од наредната недела секој петок да се пријават од 10 до 15 часот и да закажат за 15-минутна средба со министерот.