Блиски Исток

Продолжуваат дебатите околу нуклеарките на Иран

26.06.2025 09:01

И покрај протекувањето информации, САД и натаму тврдат дека нуклеарните постројки на Иран се целосно уништени. И Израел потврдува дека е нанесена сериозна штета на иранската нуклеарна програма...

По протекувањето на разузнавачките проценки за уништувањето на иранските нуклеарни постројки, Белата куќа планира да го ограничи споделувањето доверливи информации со Конгресот. Трамп и натаму тврди дека тие се целосно уништени и уназадени со години. Најави дека САД следната недела ќе се сретнат со Иран.

„Критичната инфраструктура и објектот за збогатување е целосно нефункционален. Проценивме дека американските напади врз нуклеарните објекти на Иран ја уназадија со години способноста да развива нуклеарно оружје. Сакам да им се заблагодарам на нашите пилоти, тие беа оцрнети и понижени од лажните вести“, изјави Доналд Трамп – претседател на САД.

За сериозната штета врз нуклеарната програма на Техеран, сугерира и Израел. Велат не станува збор за локализиран, туку за системски удар.

„Ги погодивме главните објекти, фабриките, индустриите и центрите на знаење. Иранската нуклеарна програма претрпе сериозни, широки и длабоки штети и е одложена со години. Нема да дозволиме Иран да произведува оружје за масовно уништување“, изјави Ејал Замир – началник на Генералштабот на израелските одбранбени сили.

Иран најави суспендирање на соработката со Агенцијата за атомска енергија бидејќи не го осудиле нападот, иако Гроси бара враќање на инспекторите на терен.

„Нашиот парламент поднесе предлог-закон кој е усвоен и се однесува на суспендирање на нашата соработка со МААЕ, а не прекин на соработката. Меѓународната заедница мора да разбере дека она што го направија САД против Иран беше ужасен удар врз меѓународната дипломатија, право и етика. Правото на Иран на нуклеарна енергија останува недопрено“, изјави Есмаил Багаеи – портпарол на иранското Министерство за надворешни работи.

„Морам да потсетам едно нешто-соработката на Иран со нас не е услуга што ни ја прават, туку законска обврска сè додека Иран останува потписник или член на Договорот за неширење. Мислам дека е во интерес на сите да можеме да ги продолжиме нашите активности што е можно поскоро“, изјави Рафаел Гроси – генерален директор на МААЕ.

Наспроти дебатите за уназадување на нуклеарните планови на Техеран, во Газа десетици жртви и стотици повредени во изминатите 24 часа по продолжените израелски напади. Нетанјаху и даде рок од два дена на војската да изготви план кој ќе го спречи Хамас да краде помош, во спротивно повторно ќе ја запре помошта за Палестинците.

 

Бојана Крстевски