Уписот во градинка ја зголеми раздвиженоста во вакциналните пунктови
Куманово е еден од градовите кој бележи послаб опфат со вакцинација. За МРП вакцината, имунизацијата изнесуваше само 40 отсто. Но по појавата на пертусис и зајакнатите контроли на надлежните, здравствените работници укажуваат дека состојбата е подобрена. Вакцините се задолжителни и за прием во предучилишните и училиштен установи.

Уписот во градинка и училиштата ја зголеми раздвиженоста во вакциналниот пункт во Куманово. Периодов поголем е бројот на дечиња со своите родителите, кои ги посетуваат и ги примаат неопходните вакцини, согласно редовниот календар за имунизација. Состојбата велат лекарите е значајно подобра по епидемијата на голема кашлица, и зајакнатите контроли на службите. Најчесто родителите ја избегнуваат МРП вакцината, чиј опфат во Куманово изнесува околу 40 отсто. Нецелосно вакцинираните дечиња, не добиваат потврда за прием.
„Во вакциналните картони најмногу недостасува МРП вакцината но во глобала кај оние деца коишто не се вакцинираат недостасуваат сите. Така што некои ги имаат само оние што се примени на раѓање, сега доаѓаат и без тие некои или воопшто не се појавуваат. Ние преку патронажната служба остваруваме контакт но за жал да кажам дека наидуваме и на родители кои кажуваат дека нема да ги вакцинираат своите деца. Нема ни упис во градинка и не знам како тие планираат да ги запишат во градинка или понатаму во училиште“, вели д-р Валентина Богоевска-Димитриевска, началник детски диспанзер Куманово.
Од Здравствениот дом укажуваат дека апелираат и ги повикуваат родителите да ги имунизираат дечиња. Подоцна доставуваат списоци и до Државниот здравствен и санитарен инспекторат.
Лекарите имале случај и кога родител донел 5 годишно дете кое досега воопшто не било имунизирано.
И од кумановската градинка потврдуваат дека не ги примаат документите на нецелосно имунизираните дечиња. Уписот е во тек досега се примени над 230 дечиња.
„80 проценти доаѓаат и ги почитуваат правилата за вакцинација доколку имаме децата што не се вакцинирани ги упатуваме кај докторка да си дадат насоки за понатаму. Тоа се ретки случаи да немаат вакцинален картон најчесто се деца со здравствени проблеми“, посочи Наташа Ќосовиќ Томовска, директор градинка „Ангел Шајче“ Куманово.
Во кумановската градинка осумте објекти и двата центри за ран детски развој ќе можат да ги посетуваат 1.500 дечиња.
Елена Георгиевска
