Евроинтеграции

Муртезани: Позициите на Бугарија мора да се разделат од оние на останатите земји членки на ЕУ

26.06.2025 18:47

Широк политички консензус е потребен за внесување на Бугарите во Уставот, вели министерот за европски прашања Муртезани. Во меѓувреме, сите грижи кои ги има земјава во однос на Бугарија да бидат надминати…

Сите 26 земји членки на Европската унија, освен Бугарија, го признаваат македонскиот идентитет и јазик, па затоа неопходно е да се разделат нивните позиции, вели министерот за европски прашања Орхан Муртезани. Информира и дека реформскиот процес тече во континуитет, но нема предуслови за внесување на Бугарите во Уставот, а тоа се широк политички консензус, двотретинско мнозинство во парламентот, но пред сè, можност и нашите барања и грижи да бидат ставени на маса.

Прозорецот на можности е отворен и треба да го искористите, сега е време за храброст и посветеност, порака на полскиот амбасадор во Македонија, Мариуш Бримора. Тој смета дека уставните измени, исто како и реформскиот процес, се неопходни за напредок во евроинтеграциите.

„Уставни измени што се потребни за да го придвижат евроинтеграцискиот процес напред, остануваат политички предизвик и предмет на интензивна национална дебата, потенцирајќи ја тензијата меѓу националниот идентитет и европската интеграција. Но, ве молам, запомнете, дека патот кон Европската унија не претставува негирање на идентитетот, туку ветување за заеднички суверенитет и достоинство, согласно фундаменталните принципи на европскиот Устав и мото, кое гласи-обединети во различностите“, изјави амбасадорот Бримора.

Во пресрет на гласањето за Извештајот за Македонија во Европскиот парламент во јули, македонската влада не сака да прејудицира дали предлог-амандманот за додавање на придавката модерен, пред македонски јазик, ќе биде прифатена. Дел од експертската јавност пак, со став, овој документ не е правно обврзувачки, но е политички значаен.

Извештајот за напредокот на Македонија, во кој за прв пат се споменува македонскиот јазик, ја мина првата фаза во Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, каде со 40 гласови „за“, беше усвоен без контроверзниот амандман. Потоа следеше писмо од бугарскиот претседател Румен Радев, за кого извештајот бил вознемирувачки и предизвикал негодувања и критики во Бугарија, а фактот што Европскиот парламент се изјаснувал за категории како идентитет и јазик, бил загрижувачки.

Бугарските реакции за македонскиот јазик во извештајот, се доказ дека намерите на источниот сосед задираат многу подлабоко од барањето за внесување на неколку стотици Бугари во македонскиот Устав, сметаат од Владата.

Марија Котовска