Град Скопје

Наводи за криминал со дивоградби во Чаир

26.06.2025 19:39

До Јавното обвинителство, нови документи достави градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска. Се работи за 20 предмети во кои тврди дека има криминал.

Нови документи за 20 незаконски легализирани згради во Чаир поднесе градоначалничката на Скопје до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Според неа, не станува збор за тераси или гаражи, туку за објекти градени спротивно закон. Само еден објект, вели Арсовска, чинел над еден милион евра.

Според Арсовска во Општина Чаир има над 150 вакви згради по 12 ката без дозволи и проекти, со кои како што вели, буџетот бил оштетен за 225 милиони евра.

Од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција за МТВ потврдуваат дека ги примиле документите и велат дека ќе постапат согласно нивните надлежности. Македонската телевизија се обиде да стапи во контакт со градоначалникот на општината Ганиу, но не добивме одговор за обвинувањата.

Арсовска се пожали и дека често добивала закани по живот, а истите ги пријавила во МВР. Од таму велат дека постапуваат по секоја пријава, без разлика за кого се однесува.

Борис Грујоски